Кина го затвори клучниот терминал во пристаниште Нингбо-Жoушан, третото најпрометно пристаниште во светот, откако беше откриено дека еден работник е заразен од Ковид 19, потег кој најверојатно ќе изврши дополнителен притисок врз веќе затегнатите снабдувачки мрежи.
Ова е втор пат оваа година како Кина ги прекинува операциите на едно од нејзините клучни пристаништа.

Аналитичарите велат дека пристапот на Кина со „нулта толеранција“ кон Ковид 19 ќе ги влоши веќе напнатите синџири на снабдување оваа година.
Некои аналитичари предупредуваат дека ако Кина продолжи да го практикува овој строг став кон заразените ова можеби нема да биде последното затворање на пристаништата низ земјата.
Даун Тиура, извршен директор на Sourcing Industry Group смета дека ставот на Кина ќе доведе до „тешки“ последици од синџирот на снабдување.
„Кина има нулта толеранција за Ковид. Едно лице позитивно на тестирање е доволно за да се затвори пристаништето “, вели Тиура за CNBC.

Нингбо-Жоушан е трет најпрометен терминал во светот по обемот на контејнерите. Во 2019 година преку овој терминал преминале 27,49 милиони TEUs, според World Shipping Council.
Обемот на контејнерите во 2020 година се зголеми за речиси 5% и достигна 28,72 милиони TEU.
Сите влезни и појдовни услуги на терминалот беа прекинати во средата до дополнително известување.
Пристаништето Нингбо-Жoушан е клучно за контејнерските испораки од Кина кон Европа и Северна Америка.
Синџирите за снабдување веќе беа сериозно нарушени оваа година поради кризи како што се недостаток на контејнери за испорака и инцидентот во Суецкиот канал.
Во јуни, инфекциите со Ковид предизвикаа прекини во превозните центри во Јужна Кина, вклучувајќи ги и клучните пристаништа Шенжен и Гуангжу, што беше првпат Кина да ги прекине операциите на пристаништата поради случаи на Ковид.
Кои се можните последици од кинескиот став за „нулта толеранција“?
Нулта толеранцијата на Кина во пристапот кон заразените со корона вирус сугерира дека ова најново нарушување на пристаништето можеби не е последно, смета Ник Маро, раководител за глобалната трговија во Еconomist Intelligence Unit.
„Пристапот на Кина за значи дека властите ќе дадат приоритет на ублажувањето на пандемијата пред се друго, особено со оглед на многу заразната природа на сортата Делта и ризиците што сегашната појава ги претставува за идните економски перформанси во текот на третиот квартал“, смета Маро.
„Додека кинеските власти го одржуваат овој став, ризикот од ненадејни нарушувања или затворања ќе продолжи“, додаде тој.
Кина доживува повторен раст на случаите на заразени со Ковид поради многу преносливата варијанта на делта. Дневните случаи ја преминаа границата од 140 во понеделникот, најголем број дневни инфекции од јануари, според Ројтерс.
Кинеските власти наредија масовно тестирање во неколку области и воведоа широки ограничувања за движење во поголемите градови, вклучително и Пекинг.
Аналитичарите предупредуваат дека ќе има дополнителни одложувања, а потрошувачите најверојатно ќе мора да ги сносат повисоките трошоците за поскапениот пораст на контејнерскиот превоз од Кина до Европа и Северна Америка.
„Недостатокот на контејнери веќе ги напна глобалните синџири на снабдување. Со оглед на тоа што Нингбо е третото по големина пристаниште за контејнери во светот, ова исклучување ја прави и онака лошата ситуација многу полоша “, рече Тиура.
Според нејзе, контејнерскиот транспорт најверојатно дополнително ќе поскапи, а зголемените трошоци ќе мораат да бидат пренесени на потрошувачите, што ќе ја зголеми глобалната инфлација.

Извор: CNBC