Кина ќе ги намали увозните царини за повеќе производи за кои има голема домашна побарувачка почнувајќи од јануари 2021 година, вклучувајќи за медицинска опрема, суровини за детски прашоци, опрема за висока технологија и некои други производи, соопшти во средата Министерството за финансии на Кина.
За 2021 година, Кина ќе воведе привремени царини за увоз, кои се пониски од царините на повластена нација (MFN) на 883 производи, објавува South China Morning Post.
Царинските измени се направени за да се задоволи домашната побарувачка и да се поттикне развојот на технологијата на кинеските индустрии со цел да се формира поголема дуална циркулација во домашната економија, информираат од Министерството.

Соочувајќи се со непријателски трговски политики од САД , Пекинг неодамна ја објави стратегијата за „дуална циркулација“ за следната фаза од својот економски развој, во која главно ќе се потпре на „домашната циркулација“ и внатрешниот циклус на производство, дистрибуција и потрошувачка, поддржан од иновации и надградби во економијата.

За да го подобри животниот стандард на луѓето, Кина ќе го ослободи од царини увозот на некои антиканцерогени лекови и суровини за лекови за ретки болести, додека увозните давачки за вештачки срцеви залистоци, слушни помагала, како и некои суровини за прашоци за бебиња, ќе бидат намалени.

Пекинг, исто така, ќе ги намали увозните давачки за делови, суровини и индустриска опрема што се користат во новата инфраструктура и производи со висока технологија, кои имаат голема домашната побарувачка.
За уредите за филтрирање на емисии за возила со дизел мотор, исто така, ќе се намалат стапките на увоз како резултат на еколошките напори на властите за почиста животна средина.

Извор: South China Morning Post