Кинеската економија порасна за 8,1% во 2021 година, многу посилно отколку што планираше владата, но активноста малку забави на крајот на годината поради мерките за спречување на новиот бран на Ковид 19 што ја забави потрошувачката.
Втората светска економија силно закрепна на почетокот на минатата година од последиците на пандемската криза што го забави темпото на раст во 2020 година на само 2,2%, според ревидираните податоци.

Кинеските власти утврдија стапка на раст од „над 6%“ за 2021 година, а активностите ги надминаа очекувањата и до третиот квартал достигнаа стапка на раст од 4,9% во однос на претходната година. Во текот на целата 2021 година, економијата порасна најсилно од 2011 година.

Во последните три месеци, стапката на раст се намали на 4,0%, како одраз на строгите ограничувања со кои Пекинг се обиде да го спречи повторното ширење на коронавирусот. Мерките се одразија на потрошувачката, а крајот на годината беше одбележан со големо поскапување на енергенсите.

Во декември, прометот во малопродажбата се зголеми за само 1,7% во однос на претходната година, што е најслаб од август 2020 година.

На квартално ниво, БДП порасна за 1,6 % меѓу октомври и декември, што сигнализира забрзување на активноста во споредба со третиот квартал кога активноста порасна за само 0,7%, покажуваат ревидираните податоци.

Кинеските лидери ветија поголема поддршка за економијата која се соочува со повеќе пречки во 2022 година. Централната банка во понеделникот ги намали каматните стапки на среднорочните заеми за прв пат од април 2020 година.