Светската банка прогнозира дека економијата на Кина ќе порасне за 7,9% во 2021 година и покрај забавувањето во услови на пандемијата на Ковид 19.
Во извештајот насловен Од закрепнување до ребаланс, Светска банка посочува дека Пекинг треба да избегне какво било „значајно затегање“ на фискалната политика следната година за да го одржи своето пост-пандемиско економско закрепнување на вистинскиот пат.
„Глобалното опкружување останува многу неизвесно и ова бара адаптивна рамка на политиката. Предвремено излегување од политиката и прекумерното затегнување може да го попречат закрепнувањето “, рече Мартин Рајсер, директор на Светска банка за Кина.
„Повлекувањето на фискалната поддршка треба да продолжи постепено, но фокусот треба да се префрли од традиционалната инфраструктура кон повеќе социјални трошоци и зелени инвестиции“.
Во Извештајот се предвидува растот на БДП на Кина годинава да забави на 2%, но сепак ќе биде единствена голема економија која годинава ќе ја заврши со раст на економијата. Следната фискална година кинеската економија ќе има раст со оглед на тоа што потрошувачката и довербата во деловните инвестиции се зајакнати покрај подобрувањето на профитот на компаниите, условите на пазарот на трудот и приходите.
Пекинг најави различни стимулативни мерки, вклучително и издавање на специјални државни обврзници, пониски стапки на кредити и даночни ослободувања, за да се опорави втората по големина економија во светот од пандемијата КОВИД-19.
„Кина се нормализира побрзо отколку што се очекуваше, потпомогната од ефективна стратегија за контрола на пандемијата, силни мерки на политика и зголемен извоз“, се вели во најновото економско ажурирање за Кина.
Најголемиот ризик за економските перспективи на Кина останува повторно заразување со корона вирусот.