Кинескиот извоз незапирливо расте трет месец по ред, во август поголем за 9,5%

Извозот на Кина во август порасна за 9,5% во однос на истиот период лани, што е трет месец по ред на раст на кинескиот извоз, покажуваат податоците на кинеските царински власти.
Податоците покажуваат дека ова е најголем раст на кинескиот извоз од март 2019 година.
Увозот во истиот период се намали за 2,1%.

Извозните перформанси на Кина, поттикнати од рекордните пратки на медицински материјали и големата побарувачка за електронски производи, не беа толку сериозно погодени од глобалното забавување, како што прогнозираа некои аналитичари.

Извозниците од Кина имаа корист од релативното нормализирање на состојбата во борбата против пандемијата на коронавирусут, додека нивните конкуренти во другите земји сè уште се соочуваат со многу поограничувачки мерки.

Податоците покажуваат дека кинескиот извоз во САД во авгус се зголемил за 20% во споредба со истиот период лани, и покрај зголемувањето на царините во САД. Од друга страна, увозот на американски производи во Кина се зголеми за 2%.

Сепак, извозот од Кина падна на најголемиот пазар за нив – Европската унија, за 20,1%. Увозот од ЕУ исто така бележи пад од 29,7%.

Трговскиот суфицит на Кина во август изнесуваше 58,9 милијарди долари, што е намалување во однос на трговскиот суфицит што Кина го оствари во трговијата со светот во јули од 62,3 милијарди долари.