Кинескиот извоз порасна за 12,7% во октомври, што е најбрзиот месечен раст во изминатите две и пол години, покажуваат денеска објавените податоци на кинеската државна царина.
Извештајот доаѓа еден ден по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во Америка, кој најави дека ќе ги зголеми царините за стоки од Кина до 60%.
Во истиот месец кинескиот увоз паднал за 2,3%, додека трговскиот суфицит во истиот период се зголемил на 95,7 милијарди долари (88 милијарди евра).
Извозот далеку ги надмина проценките на аналитичарите од околу 5,5% и забележително го надмина септемврискиот раст од само 2,4%. Ова е најголем пораст на извозот од јули 2022 година.
Растот на октомврискиот извоз покажува одржлива побарувачка за кинеските стоки во странство, додека побарувачката на домашниот пазар се уште е слаба.
Кинескиот извоз во Русија се зголеми за речиси 27% во споредба со истиот период минатата година, што е најбрзо темпо во последните 11 месеци. Извозот во САД се зголеми за 8% на годишно ниво, додека испораките во Европската унија се зголемија за речиси 13%.
Кинескиот извоз во членките на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН), најголемиот трговски партнер на Кина по региони, скокна за 16%.
Економистите велат дека ефектот од повисоките царини за време на Трамп нема да стапи на сила до следната година.
„Иако предложените зголемувања на царините од Трамп ќе му наштетат на извозниот сектор, нивното влијание би било помалку значајно отколку што многумина стравуваат, бидејќи мислиме дека тие би можеле да го намалат обемот на извозот за околу 3% и можеби нема да се почувствуваат до втората половина на 2025 година”, се вели во извештајот.
САД и Европа неодамна ги зголемија царините за кинескиот извоз на електрични возила и други производи, намалувајќи ја перспективата за кинеската трговија како двигател на растот. Долготрајниот пад во индустријата за недвижности, исто така, останува главен проблем за кинеската економија.
Кинеските економисти и власти веќе најавија серија мерки за зајакнување на економијата, вклучувајќи 200 милијарди јуани (26,2 милијарди евра) од буџетот за следната година за трошоци и градежни проекти.
Се очекува Пекинг да го претстави долгоочекуваниот стимулативен пакет во петок за време на состанокот на највисокото законодавно тело чија цел е зајакнување на економијата во услови на дефлациски притисоци и слаба потрошувачка.