Изминатата 2022 година била од Македонија било извезено овошје во вредност од 50,5 милиони евра, што е зголемување за 5,5% во однос на вредноста на извезеното овошје во 2021 година. Што се однесува до извезените количини тие се поголеми за 3,3% во однос на претходната 2021 година, односно во текот на 2022 година на странските пазари било извезено околу 140 илјади тони овошје.  

Но, иако има раст и во вредноста и во извезените количини, анализата на податоците покажуваат полоши резултати токму кај најизвезуваното македонско овошје како на пример јаболката и свежото грозје, но и раст кај некои други видови сорти на овошје.

Најизвезувано овошје од земјава и понатаму останува јаболката. Минатата 2022 година од земјава биле извезени јаболка во вредност од 15,1 милиони евра, што е намалување од 15,8% во споредба со претходната 2021 година, но голем пад од 40% во споредба со 2020 година кога на странските пазари биле продаде јаболка во вредност од 25,8 милиони евра.
Во 2022 година од земјава биле извезени 89,6 илјади тони јаболка, што е за 2,1% повеќе од извезените количини во 2021 година, што значи дека јаболката се продавале за пониска цена на странските пазари.
Извозот на јаболка претставува 30% од вкупниот извоз на овошје од земјава.

Свежото грозје е второ најизвезувано овошје, од чиј извоз лани е остварен приход од 10,7 милиони евра. Вредноста на извозот на грозје лани бил помал за околу 9% во споредба со претходната 2021 година.
Количините на извезени грозје во странство лани се намалиле за 19% и изнесувале 20,4 илјади тони.

Следат праските од чија продажба во странство лани се заработиле 3,6 милиони евра, што е речиси три пати поголема врендоста од извозот во 2021 година од само 886 илјади евра, но се уште многу помалку од извозот од речиси 6 милиони евра остварен во 2019 година.
Во 2022 година од земјава во странство биле извезени околу 4,5 илјади тони свежи праски.

Од извозот  на цреши минатата 2022 година е остварен извозен приход од 3,3 милиони евра, што е за 68% повеќе во споредба со 2021 година кога вредноста на извезените цреши изнесувала само 1,9 милиони евра.
Лани во странство биле извезени 1,7 илјада тони цреши, што е за 27% повеќе во споредба со 2021 година.

Извозот на лубеници лани се зголемил за 30% и достигна вредност од 2,6 милиони евра. Извезените количини изнесуваат 11,3 илјади тони и се поголеми за 27% во споредба со 2021 година.

Интересно е што извозот на персимон или јапонско јаболка лани се најде меѓу овошјата кои носат најмногу извозни приходи.
Вредноста на извезените јапонски јаболка лани изнесува 2,2 милиони евра и двојно поголема во споредба од извозот во 2021 година.

Извозот на сливи од чиј извоз лани биле остварени приходи од 2 милиони евра, бележи пад од 27%  во споредба со претходната 2020 година.

Податоците покажуваат пад и кај извозот на замрзнато или конзервирано овошје кој лани изнесувал околу 6 милиони евра и е намален за 11% за една година. Најголемиот дел од оваа извозна ставка отпаѓа на извозот на компот од вишни, замрзнати боровинки, малини, капини и други бобинки.

И покрај санкциите, Русија останува најголем извозен пазар за македонското овошје

И покрај санкциите, кои силно се одразуваат врз извозот на одредени овошја, Русија била најголем извозен пазар за македонското овошје минатата година.

Податоците покажуваат дека во Русија лани било извезено овошје од Македонија во вредност од 12,5 милиони евра, раст од 2,2% во споредба со 2021 година. Од нив, 5 милиони евра отпаѓаат на извозот на јаболка кој е намален за речиси 40% во споредба со 2021 година кога извозот изнесувал 8 милиони евра, а за 60% помал во споредба со 2020 година извозот на јаболка на рускиот пазар изнесувал 12,2 милиони евра.

Втор најголем пазар за македонското овошје лани била Србија со извоз вреден 11,8 милиони евра, што е раст од 22% во споредба со извозот од 9,6 милиони евра во претходната 2021 година.

Трет извозен пазар за македонското овошје лани била Бугарија со извоз од 3,7 милиони евра, кој е поголем за 11,7 % во споредба со извозот од 2021 година.

Четврт пазар е Косово каде лани биле извезени овошја во вредност од 2,3 милиони евра, што е пад од 7,7% во споредба со извозот од 2021 година.

За првпат меѓу петте најголеми извозни пазари за овошје лани се најде и Латвија, со извоз вреден 1,6 милиони евра, пто е раст од 65% за една година.

Следи БиХ со извоз на овошје вреден 1,5 милиони евра, пад од р4% во споредба со претходната година.

Седми најголем извозен пазар била Црна Гора  со извоз вреден 1,43 милиони евра, што е на исто ниво како и 2021 година.

Следи Романија со извоз од 1,42 милиони евра, кој лани се намалил за 31% во споредба со извозот кој бил остварен во 2021 година.

Деветти најголем пазар била Чешка со извоз од 1,3 милиони евра, раст од 44% во споредба со извозот од 2021 година.

Германија била десетти најголем извозел пазар лани со вредност на извоз од 1,2 милиони евра, намалување од дури 40% во споредба со вредноста на извозот во 2021 година.

Освен овие десет земји, извоз на овошје поголем од 1 милион евра имало и во Хрватска, Белорусија и Италија.
Извоз на овошје поголем од 100 илјади евра лани имало во 30 земји од светот.

Голем пад на извозот од дури 53% лани имало и во Грција каде извозот изнесувал 955 илјади евра. Ивзозот во Италија се намалил за 32% на 1 милион евра.