Во текот на 2021 година глобално биле извезени производи во вредност од 21,5 трилиони долари, што е зголемување од 22,5% во споредба со вредноста на извозот остварен во 2020 година, покажуваат податоците од Worldtopexports.
Најголеми 10 извозни економии во 2021 година биле Кина, САД, Германија, Јапонија, Холандија, Хонг Конг, Јужна Кореја, Италија, Франција и Белгија. Заедно, сите овие 10 извозно ориентирани економии создале повеќе од половина или 50,7% од вкупниот извоз на сите земји.
Кои се најголемите извозници во регионот?
Ако се гледа во регионот, најголеми извозни економии во 2021 година биле Словенија, Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Македонија, БиХ и Албанија.
Малата Словенија со околу 2 милиони жители имала извоз вреден 46,8 милијарди долари, според што била 55. најголем извозник во светот во 2021 година. Во 2021 година словенечкиот извоз се зголемил за 24,8%.
Грција е втор најголем извозник во регионот со извоз вреден 46,5 милијарди долари, според што е 56-ти најголем извозник во светот. Извозот од Грција во 2021 година се зголемил за 32,5%.
Трет најголем извозник во регионот е Бугарија, која во 2021 година имала извоз вреден 41,9 милијарди долари, со што земјата била 58 најголем извозник во светот. Бугарскиот извоз во 2021 година се зголемил за 31,4%.
Четврт најголем извозник од регионот е Србија со извоз вреден 25,6 милијарди долари и била 69-ти најголем извозник во светот за 2021 година. Српскиот извоз во 2021 година се зголемил за 31,9%.
Следи Хрватска со извоз вреден 22,8 милијарди долари, според што земјата во 2021 година била 70-ти најголем извозник во светот. Хрватскиот извоз бележи раст од 32,9% во 2021 година.
Македонија во 2021 година имала шести по вредност најголем извоз од регионот од 9,2 милијарди долари, речиси пет пати помалку од Словенија со иста територија и ист број на жители. Според ланскиот извоз Македонија била 95-ти најголем извозник во светот. Македонскиот извоз во 2021 година се зголемил за 38,2%.
Следат БиХ ( 97.) и Албанија (121.) кои лани имале извоз во вредност од 8,6 милијарда долари и 3,3 милијарди долари.