Република Северна Македонија годинава ќе претседава со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). Денеска амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир и министерот за економија Крешник Бектеши, ги презентира приоритетите за 2021 година за ЦЕФТА под претседателство на земјава.

Преземањето на водството во спроведување на приоритетните активности се планира да се изврши преку спроведување на Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар (ЗРП) 2021-2024, усвоен за време на Самитот во Софија во ноември 2020 година и поддржан од Европската комисија.

Клучните цели на претседателството на Северна Македонија се поддршка на економското закрепнување по кризата со КОВИД-19, привлекување на инвестиции и зголемена трговија во регионот и подобар просперитет на граѓаните во Западен Балкан. Ова ќе се постигне преку олеснување на трговијата со стоки и услуги и создавање на регион без мерки и пречки што ја попречуваат трговијата.

Министерот во своето обраќање кажа дека слободното движење на стоките, слободна трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата со стоките и услугите, Дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите, како и институционалниот развој на ЦЕФТА структурите ќе бидат приоритет на македонското претседавање со ЦЕФТА оваа година.

 

Додаде дека примената на ЦЕФТА договорот и активностите предвидени во Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар 2021-2024, ќе бидат основите за нашето претседавање.

 

„Клучниот столб на нашето претседавање е трговијата. Овој столб има за цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА со цел да се овозможи просперитет и благосостојба за сите граѓани. Активност која ја наметна пандемијата е продолжување на функционирање на Зелените коридори за полесно транзитирање на стоки низ регионот, како и за проширување на овие коридори кон соседните ЕУ земји. Нашите активности ќе бидат насочени кон следење на напредокот евидентиран во секоја ЦЕФТА страна во врска со елиминацијата на пријавените нетарифни бариери, подготвување единствен список со сите такси и давачки за увоз или извоз на стоки, подготовка на Акцискиот документ за имплементација на инфраструктурата за квалитет, спроведување на програмите за заемно признавање на Овластените економски оператори и други”, кажа министерот Бектеши во своето обраќање.

Министерот потенцираше дека меѓу активностите на нашето претседавање оваа година ќе биде и идентификување на клучните слабости во регионалната испорака на пратки во поштенските услуги, донесување одлука за воспоставување општ систем на признавање професионални квалификации за одделна професија со постепено проширување на други професии, усвојување рамка за заемно признавање на електронските потписи, како и други форми на електронска идентификација.

„Со оглед на тоа што во минатите години бевме сведоци за одредени нетарифни бариери, во 2021 година ќе се фокусираме и на подготвување на првиот извештај за нетарифни бариери со цел да се идентификуваат трговските пречки со кои се соочува бизнисот во регионот. Како еден од приоритетите на претседавањето се и преговорите и склучувањето на Дополнителниот протокол 7 за решавањето на споровите со кој ќе се создаде правна рамка за решавање и елиминирање на трговските бариери меѓу членките на ЦЕФТА за кое веќе е одржана една рунда на преговори во земјата”, кажа министерот Бектеши и потенцираше дека ќе се работи и на организациско и функционално подобрување на работата на ЦЕФТА Секретаријатот.

Евроамбасадорот Дејвид Гир кажа дека претседавањето со ЦЕФТА на Северна Македонија дава можност за значаен напредок во многу области.

„Економско-инвестицискиот План и ЦЕФТА делат заедничка цел: подобро да ги интегрираат економски земјите од Западен Балкан, помеѓу себе и со ЕУ. Планот исто така става силен акцент на градењето на заеднички регионален пазар како начин за зголемување на конкурентноста на земјите од Западен Балкан”, кажа евроамбасадорот Гир во своето обраќање.

Овој процес се надоврзува на регионалната економска област иницирана во рамките на Берлинскиот процес и е составен дел од Економскиот инвестициски план (ЕИП) на Европската Унија за Западен Балкан. ЕИП става силен акцент на градење на заеднички регионален пазар како начин за зголемување на конкурентноста на Западен Балкан. Заедничкиот регионален пазар претставува чекор поблиску до потесното интегрирање на Западен Балкан со единствениот пазар на Европската Унија уште пред формалното пристапување.

 

Извор: МИА