Кои се 10-те најголеми фабрики за автомобилски делови во Македонија?

Индустријата за производство на автомобилски делови во земјава доживува вистински бум во последните неколку години и нејзе може да и се препишат заслугите за зголемување на извозот, за поголемата вработеност и за растот  на инвестициите.
Преку овие компании за производство на авто делови македонската економија во изминативе години стана многу подлабоко интегрирана во глобалните ланци на снабдување, но и целосно ја промени извозната структура, посебно во корист на производите со повисока технолошка доработка.
Поволните даночни политики, добрата стратешка локација и евтината работна рака се главните фактори кои во изминативе десетина години привлекоа многу големи играчи од автомобилскиот сектор да дојдат и да отворат фабрики во земјава.

Во земјава моментално работат околу 50-тина компании за производство на автомобилски делови. Станува збор за целосно извозни компании кои извезуваат во целиот свет.
Грубите пресметки покажуваат дека кај индустријата за автомобилски делови, односно компаниите од овој сектор во и надвор од зоните, се создава околу 60%  од вкупниот извоз на земјата. Ова, според експертите е преголема и опасна концентрација, која е аларм дека на Македонија и е итно потребна диверзификација на извозот. Вкупниот број, пак, на вработени лица во овој сектор е над 20.000.

Најголемите 10 компании од индустријата за автомобилски делови во 2018 година имале вкупни приходи од 2,4 милијарди евра, што е околу 40% од вкупниот извоз на Македонија.

Ова се најдиректните и најмерливи ефекти, но овие компании имаат влијание и врз зголемување на вештините кај вработените, подигање на нивото на соработка со образовните институции, а се поголем е и бројот на локални компании кои соработуваат со овие глобални играчи, иако обемот на соработка со домашните компании е се уште на многу ниско ниво.

Во прилог се 10-те најголеми компании од индустријата за автомобилски делови во Македонија:

1.ЏОНСОН МЕТИ, Скопје

Приходи: 1.752.295.189 евра
Профит: 108.430.009 евра
Број на вработени: 882

Џонсон Мети веќе неколку години е најголема и втора најпрфитабилна компанија во земјава, а истовремено и се чини засега недостижен најголем извозник. Џонсон Мети во 2018 година остварил приходи од 1,75 милијарди евра и профит од околу 108 милиони евра. Најголемиот извоз на катализатори на Џонсон Мети е наменет за германската автомобилска индустрија.
Вкупниот број на вработени во Џонсон Мети на крајот на 2018 година изнесувал 882 лица. Џонсон Мети првата фабрика ја отвори во 2007 година, а во 2012 година ја отвори својатавтора фабрика во зоната Бунарџик.
Британската компанија „Џонсон Мети”е светски лидер во производство на катализатори за автомобилска индустрија и катализаторски системи за контрола на загадувањето.„Џонсон Мети” има операции во преку 30 земји во светот и вработува околу 12,000 луѓе.

2.КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ, Битола

Приходи: 233.044.583 евра
Профит: 4.304.786 евра
Број на вработени: 6.437

Кромберг и Шуберт е втора најголема фабрика од индустријата за автомобилски делови во земјава која во 2018 година работела со вкупни приходи од 223 милиони евра и профит од 4,3 милиони евра. Според остварените приходи Кромберг и Шуберт е шеста најголема компанија во земјава и 34-та по профитабилност. Германската Кромберг и Шуберт е меѓу најголемите вработувачи во земјава и во фабриката која се наоѓа во индустриската зона во Жабени, крај Битола, на крајот на 2018 година биле вработени 6.437 лица.
Во фабриката се произведуваат кабли за автомобили од многу познати светски брендови, а најголемиот дел се извезуваат во Германија.
Германската Кромберг и Шуберт е една од водечките светски компании за снабдување со електрични системи, кабли и пластични компоненти за автомобилската индустрија. Има над 50.000 вработени на 40 локации во светот.

3МАРКАРТ, Велес

Приходи: 73.973.753 евра
Профит: 6.010.528 евра
Број на вработени: 554

Германската компанија Маркарт ја отвори својата фабрика во земјава во 2015 година, а во 2018 година работела со вкупни приходи од околу 74 милиони евра и профит од околу 6 милиони евра. На крајот на 2018 година во фабриката во велешко Караслари работеле 554 лица. Според остварените приходи Маркарт е 34 најголема компанија во земјава и 28 по профитабилност.
Германската Маркарт произведува автомобилски системи и мехатроника за познати брендови како „Јагуар Ленд Ровер“, „Рено“, „Фиат“, БМВ, „Сканија“ , „Крајслер“ и други. Постои веќе 95 години, а денеска вработува над 11 илјади лица во 20 локации низ светот.

4.АМФЕНОЛ ТЕХНОЛОЏИ, Кочани

Приходи: 69.946.499 евра
Профит: 3.679.565 евра
Број на вработени: 1.567

Амфенол Технолоџи е компанија со американски капитал која во својата фабрика во Кочани произведува кабли за сигурносни перничиња и други делови кои наоѓаат примена во автомобилската индустрија.
Вкупните приходи на компанијата во 2018 година изнесувале околу 70 милиони евра, според што е 35 најголема компанија во земјава, додека профитот во истата година изнесувал 3,7 милиони евра.
На крајот на 2018 година во Амфенол Технолоџи Македонија работеле 1.567 лица.
Корпорацијата Амфенол произведува електронски делови има повеќе од 45.000 вработени во 30 земји низ целиот свет.

5. ДРЕКСЛМАЕР, Кавадарци

Приходи: 67.761.161 евра
Профит: 3.533.218 евра
Број на вработени: 5.991

Германската Дрекслаер во својата фабрика во Кавадарци произведува кабелски инсталации и сетови наменети главно за потребите на германските автомобилски компании. Компанијата во 2918 годуина работела со приходи од 67,8 милиони евра и профит од 3,5 милиони евра. Дрекслмаер е најголем работодавач во земјава со над 6.300 вработени.
DRÄXLMAIER Group е интернационален добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 60 фабрики во повеќе од 20 земји низ целиот свет. Со главно седиште во Германија, компанијата денес вработува околу 75.000 вработени низ целиот свет.

6.ЏОЈСОН СЕЈФТИ СИСТЕМС, Кичево

Приходи: 64.453.384 евра
Профит: 3.870.643 евра
Број на вработени: 1.413

Американската компанија за сигурносни производи за автомобилска индустрија ,,Џојсон Сејфти Системс ” ја отвори својата фабрика во Кичево во 2015 година. Во 2018 година компанијата остварила вкупни приходи од над 64,4 милиони евра и профит од 3,87 милиони евра. На крајот на 2018 година имало 1.413 вработени, а во нивните планви за развој е предвидено тој број да достигне до 2.000.
Џојсон Сејфти Системс е глобален добавувач на автомобилски сигурносни-критични компоненти и системи. ЏСС е светски лидер во дизајн, развој и производство на механизми за надувување, воздушни перничиња, волани и сигурносни појаси.  ЏСС е со седиште  во Мичиген, САД со меѓународна мрежа од 34 продажни, проектантски и производствени капацитети кои вработуваат околу 9.000 луѓе низ целиот свет.

 

7.ГЕНТЕРМ, Прилеп

Приходи: 56.182.785 евра
Профит: 2.534.145 евра
Број на вработени: 1.631

Американската фабрика Гентерм ја отвори својата фабрика во прилепската зона во 2016 година во која се произведуваат делови за сите реномирани производители на автомобили кои се наменети за европскиот пазар.
Во 2018 година компанијата остварила вкупни приходи од 56 милиони евра и 2,5 милиони евра профит, а бројот на вработени на крајот на годината изнесувал 1.631 лице.
Американската корпорација „Гентерм” од страна на најголемите производители во автомобилска индустрија е призната како најдобар добавувач на клима системи за греење и ладење  на седишта и управувачи, електроника и кабли. Производството на „Гентерм” се инсталира од страна на голем број автомобилски брендови како што се „Форд” , „Џенерал Моторс”, „Тојота”, „Лексус” и „Киа”. Компанијата има производство во 11 земји и повеќе од 5.000 вработени низ целиот свет .

 

8. КОРПОРАЦИЈА ЛЕАР, Тетово

Приходи: 51.392.211 евра
Профит: 2.237.178 евра
Број на вработени: 1.325

Американската компанија ,,Леар Корпорејшн“ првично започна да работи во земјава како браунфилд инвестиција, а потоа изгради фабрика во зоната во Тетово.
Во 2018 година компанијата работела со приходи од 51,4 милиони евра и профит од 2,2 милиони евра, а на крајот на годината во фабриката на Леар во Тетово работеле 1.325 лица.
Леар Корпорејшн  е водечки глобален застапник за навлаки за седишта за автомобили и електрични дистрибутивни системи и ги опслужува сите поголеми производители на автомобили во светот, а нивните производи се застапени во повеќе од 350 видови на возила. Вработува над 140 илајди вработени во 36 земји.

9. ЦОФИЦАБ ЕАСТЕРН ЕУРОПЕ , Кавадарци

 

Приходи: 38.366.357 евра
Профит: /
Број на вработени: 15 (2017)

Туниската Цофицаб ја отвори својата фабрика во Македонија во 2013 година и во неа се произведуваат електрични кабли за автомобили, голем дел наменети за фабриката на Дрекслмаер. Компанијата во 2018 година работела со вкупни приходи од 38,6 милиони евра, а последниот достапен и проверен податок е за 2017 година кога во компанијата работеле 15 лица.
Coficab произведува кабли за многу автомобилски брендови, меѓу кои Mercedes, Volkswagen, Peugeot, Citroen, Renault, Fiat, BMW, Opel, Ford… Има фрбики во седум земји и 4.500 вработени.

10. AДИЕНТ сеатинг, Штип

Приходи: 29.942.037 евра
Профит: 16.74.550 евра
Број на вработени: 2.153

Американската компанија Адиент Сеатинг (поранешна Џонсон Контролс“) ја отвори својата фабрика во зоната во Штип во 2011 година, а во 2017 година ја отвори и втората фабрика во зоната во Струмица во кои се произведуваат навлаки за автомобилски седишта.
Компанијата во 2018 година работела со приходи од околу 30 милиони евра и профит од 16,7 милиони евра, а на крајот на годината имала 2.153 вработени.
Adient Seating e глобален лидер во производство на автомобилски седишта, инструмент табли, и внатрешни ентериери. Со 75.000 работници во 230 фабрики во 32 земји во светот Aдиент произведува и дистрибуира седишта за автомобили за сите видови возила.