Комерцијална банка, најголемата банка во земјава според активата, објави дека во првите девет месеци годинава работела со профит од 21 милиони евра, кој е за 0,8% или за 163 илјади евра помал во споредба со истиот период минатата година, покажува неревидираниот единечен финансиски извештај на Банката објавен денеска на Македонската берза.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 62 милиони евра и бележат зголемување од 25% во однос на истиот период од минатата година.

Нето приходите од камати на Банката во овој период изнесуваат 29,5 милиони евра и се за 1,96% поголеми од истиот период минатата година, како резултат на зголемувањето на приходите од камата остварени од секторите домаќинства и држава

Во истиот период Комерцијална банка остварила нето приходи од провизии и надоместоци од 10,4 милиони евра, кои се намалени за 9,18% во споредба со истиот период од 2019 година. Ова намалување се остварува под влијание на неколку фактори: намалена економска активност на клиентите во услови на криза, укинати надоместоци за електронско и мобилно банкарство како една од мерките за олеснување на негативните ефекти за клиентите во текот на вонредната состојба и зголемени провизии кои Банката ги плаќа кон надворешни добавувачи на услуги.

Останатите приходи од работењето на Банката заклучно со 30 септември 2020 година изнесуваат 20,3 милиони евра и бележат повеќекратно зголемување главно како резултат на зголемување на приходите од капитална добивка по основ на продажба на преземен 2 имот, како и поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања.

“Зголемувањето на бруто-добивката е остварено во услови на позначителен пораст на дополнителната исправка на вредноста на финансиските средства заради влошување на квалитетот на корпоративното кредитно портфолио. Остварената добивка пред исправка на вредноста, е за 37,8% поголема во однос на истиот период минатата година. Значителното зголемување на добивката пред исправка на вредноста главно произлегува од зголемувањето на останатите приходи, односно приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања од клиентите Прототип ДООЕЛ Скопје и Технометал Вардар АД Скопје. Позитивниот резултат од работењето, Банката го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во Државата поради пандемијата со ковид-19 во периодот март-јули, при што е извесно дека и во следниот период здравствената и економската криза ќе се пролонгира и остануваат присутни ризиците поврзани со истата”, велат од Комерцијална банка.

Вкупната актива на Комерцијална банка на крајот на јуни достигна 2,1 милијарди евра, и во однос на декември 2019 година бележи зголемување од 5,7%. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел произлегува од порастот на кредитите дадени на комитенти и вложувањата во хартии од вредност.

 “Светската пандемија со Ковид-19 се очекува да има силни економски последици врз глобалната економија, а следствено на тоа и врз македонската економија која е од отворен тип. Согласно објавените податоци и показатели за остварувањата во реалниот сектор, негативните ефекти веќе се видливи, додека последиците врз финансискиот систем ќе се почувствуваат со одредено временско задоцнување”, проценуваат од Комерцијална банка.