Форум за инвестиции во шест комори на Западен Балкан (WB6 CIF)
Инвестицискиот форум на шесте комори од Западен Балкан организираше онлајн консултативна средба помеѓу претставници на Европската комисија и челични компании од регионот.
Со Регулативата на Комисијата (ЕУ) 2019/159 од 31 јануари 2019 година со која се воведуваат дефинитивни заштитни мерки против увоз на одредени производи од челик, Комисијата утврди дека мерките треба да се применуваат за период од три години, и овој период истекува на 30 јуни 2021 година.

Мерката што моментално е во сила се состои од квота заснована врз историски увоз на производите кои се опфатени со мерката. Кога е исцрпена соодветната квота, дополнителна давачка од 25% се наплатува на нето-цената на границата на Унијата.
Во моментот, ЕК спроведува истрага за можно продолжување на заштитните мерки што се применуваат при увоз на одредени производи од челик. Во текот на истрагата, Комисијата ја фокусира својата проценка, особено на тоа дали заштитната мерка продолжува да биде неопходна за спречување или санирање на сериозна повреда, дали има докази дека производителите на Унијата се прилагодуваат и дали пролонгирањето ќе биде во интерес на ЕУ. Истрагата исто така ќе утврди соодветно времетраење на продолжувањето.

Воведените заштитни мерки директно влијаат на работењето на челичните компании од земјите од Западен Балкан и во мај 2020 година Коморскиот инвестициски форум ја повика ЕУ да го изземе Западен Балкан од постојните заштитни мерки за челик, засновани врз посебните трговски односи што овие земји ги имаат со ЕУ и виталното значење на оваа индустрија за националните економии на шесте економии од регионот.

На средбата генералниот секретар на КИФ, Татјана Штерјова Душковска, даде кратко запознавање со безбедносните мерки и исто така го истакна значењето на металната индустрија за регионот. Според податоците, производителите на железо и челик значително учествуваат во БДП на националните економии и тие вработуваат повеќе од 10.000 работници во регионот. Покрај тоа, 67% проценти од вкупниот извоз на железо и челик од економиите на Западен Балкан е насочен кон пазарот на ЕУ.

На средбата присуствуваа претставници на македонските компании Макстил, Либерти, ИГМ Трејд, Металопромет, ФЗЦ 11 Октомври, потоа на Арчелор Митал од Босна и Херцеговина; ИМК од Косово; Атеник трговија, Југотоб, Металфер челик, Алсима и ХБИС од Србија.

Компаниите од регионот посочија колку оваа индустрија е важна за регионот и негативните ефекти кои ги трпат заради овие мерки, и побараа да бидат изземени од заштитните мерки доколку тие бидат продолжени после 30 јуни 2021 година.

Некои од заклучоците од излагањата на компаниите кои се погодени од заштитните мерки кои ЕУ ги воведе за увоз на челични производи:

– Оваа индустрија е од витално значење за националните економии од сите шест земји на Западен Балкан, со оглед на нивното учество во националниот БДП и во националниот извоз, со што ограничувањата за нивниот пристап до пазарите на ЕУ создаваат сериозни негативни ефекти за националните економии;
– За повеќето компании погодени од заштитните мерки, пазарите на ЕУ се примарна дестинација, а воведените заштитни мерки предизвикаа намалување на нивниот обем на продажба до ЕУ до 30%;
– Националните пазари за овие производи се практично непостоечки, и тие не можеа да ги апсорбираат преостанатите количини. Дополнително, со заштитните мерки со кои се ограничува пристапот до пазарите на ЕУ за некои од најголемите светски производители на челик, компаниите од регионот се соочуваат со нарушувања на нивните домашни пазари со производи што ги прелеваат од земјите што не се членки на ЕУ;

– Компаниите од регионот немаат толку големи производствени капацитети и не се во позиција да го загрозат пазарот на челик во ЕУ;

– Компаниите за регионот првенствено увезуваат суровини од ЕУ, и таа околност исто така треба да се земе предвид при одредувањето на третманот на производите од челик од земјите на Западен Балкан;
– Мерките за заштита и системот за квоти создаваат тешкотии за компаниите да го планираат своето производство и испорака;

– Сите земји на Западен Балкан имаат посебни трговски и партнерски односи со ЕУ, рефлектирани преку Спогодбите за Стабилизација и Асоцијација склучени со овие земји, и овој однос треба да им овозможи на компаниите што доаѓаат од земјите на Западен Балкан специфичен третман за која било друга трета земја што влегува на пазарот на ЕУ;

Извор: https://www.wb6cif.eu/


 

>> ПОВРЗАНИ ВЕСТИ