Алкалоид вложува 1,8 милиони евра во фабриката во Србија

Алкалоид АД Скопје континуирано вложува во освојување на поголемо пазарно учество на постојните и нови пазари во странство. За таа цел на 21.10.2019 година изврши дополнително вложување во Алкалоид ДОО Белград, друштво кое е 100% сопственост на Алкалоид АД Скопје, по пат на зголемување на основачкиот влог.
Станува збор за инвестиција вредна 1.800.000 евра наменета за проширување на производните капацитети во производниот погон на Алкалоид во Република Србија.
 Со оваа инвестиција Алкалоид АД Скопје го зајакнува своето присуство на странските пазари со цел поголемо учество на извозот во вкупните продажби на друштвото.
Инаку, во првите девет месеци од годинава, од вкупните консолидирани продажби на Алкалоид, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени од извоз на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33% од вкупните продажби, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 4,5 милиони евра, што е 2 пати повеќе од лани. Во Русија во првите девет месеци Алкалоид имал вкупни продажби од 8,86 милиони евра, што претставува раст од 95%, додека во САД продажбите изнесуваат 3,1 милиони евра со раст од 69% споредено со истиот период од минатата година.

Кај извозните пазари Алкалоид бележи раст на вкупните продажби и во Германија од 51%, Украина има раст од 32%, Романија со раст од 24%, Косово раст од 16%, Бугарија раст од 15%, Црна Гора раст од 10%, Србија раст од 9%, Словенија раст од 9%, Хрватска 7% итн.