Неминовно е преструктурирање на производството во текстилната и кожарската индустрија, модернизација и автоматизација на целокупниот производствен процес, како и производство на производи со повисока додадена вредност. Ова е заклучокот од Анализата на Стопанската комора на Македонија за идентификација на развојните можности за извозна диверзификација, со фокус на текстилната и кожарската индустрија која не денешната прес конференција ја презенираше професотот Дарко Лазаров.
Текстилната и кожарската индустрија во Република Северна Македонија се од особено значење, како по бројот на вработените, така и според извозот. Со извезени производи во висина од околу 543 милиони евра во 2019 година и учество во вкупниот извоз на ниво на државата од 8,5 % и околу 30 илајди вработени, текстилната и кожарската индустрија претставува еден од столбовите на домашната економија со потенцијал за негов развој во наредниот период. Извозот лани се намалени за 5,6% или за цели 38 милиони евра.
“Оваа индустриска гранка има 252 извозно ориентирани компании (17% од вкупниот број на извозни компании) и 182 производи имаат компаративна предност, но имаат ниско ниво на софистицираност, што е еден од клулните фактори за ниската продуктивност на оваа индустрија. Нивото на продуктивност на текстилната индустрија 6.585 евра по работник годишно, а со оглед дека се работи за трудоинтензивни дејности, податоците покажуваат дека околу 85% од додадената вредност оди на трудот. Ниската продуктивност на оваа индустрија е главната причина и за ниските плати и секое зголемување институционално на платите може да создаде проблеми во оваа индустрија која и на ова ниво на плати се наоѓа на работ на егзистенција”, вели Лазаров.
Претседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија, Ангел Димитров, потенцираше дека оваа индустрија во Македонија во последните години е во тешка ситуација, а тоа е резултат на повеќе услови. Прво, има недостаток на млад и стручен кадар кој би работел во оваа дејност, второ, проблем е големото иселување на населението од државава, како и покачувањето на платите кое не кореспондира со нивото на продуктивноста во оваа дејност. Со последното покачување на минималната плата таа ќе изнесува 58% од просечната плата на ниво на државата, а 80% од просечната плата во текстилниот сектор. Друг проблем е и тоа што 93% оваа индустрија се базира на „ЛОН“-производство, се увезува готов материјалот, кај нас само се доработува, се шие и се пакува, а за тоа цената по единица производ е мала, што е голем проблем на овие компании за продолжат со работа, а секако конкуренција се азиските пазари.
Бројот на вработени во оваа индустрија од година во година постепено се намалува, односно од 43.848 вработени во 2007 година, последните години се движи околу 36-38 илјади вработени во оваа дејност, односно во 2018 година вработени се 6.027 во производство на текстил и 30.243 лица во производство на облека, што сепак претставува скоро 30% на вработените во преработувачката индустрија. во последните неколку години е намален и бројот на фирми кои работат во оваа индустрија. Така во 2012 година во текстилната индустрија работеле 1.096 компании, додека во 2017 година тој број се намалил на 953, или 143 компании помалку за пет години.
“Затоа компаниите во наредниот период ќе мора постепено да се приспособуваат и да се преструктуираат во своето производство и начин на работење, да ја зголемат продуктивноста во нивното работење преку инвестирање во посовремена технологија, кој процес секако ќе бара инвестиции во човечки ресурси, нивна едукација, потоа модернизација на производниот процес, квалитетна организација на производството, па се` до обезбедување средства за набавка на основен и помошен материјал, истакна Димитров.