Сашо Наумоски, Витаминка: Домашните компании се важни, тие остануваат тука и во добро и во зло

“Во ова невреме, каде секој од нас стравува за својот живот, добро за сите нас е да се увериме колку е важно домашното производство и колку се важни домашните македонски компании. Ние сме тука, и во добро и во лошо. Немаме друга земја да се грижиме за неа! Сите заедно тука, ја делиме истата судбина, се грижиме за нашите најблиски, за нашите роднини, вработени, соседи, сограѓани”, вели Сашо Наумоски, генерален директор на Витаминка.

На прв ваков проблем некои земји, чии  производи се застапени кај нас, вели Наумоски, ги затворија границите за брашно, масло, шеќер, лекови… без нималку грижа.

“Ние до крај ќе се трудиме, да ги задржиме сите вработени, да не намалиме плати, да немаме пад на приходи, за да не дојдеме во ситуација да аплицираме за помош”, потенцира Наумоски.

Тој вели дека фабриките имаат залихи за месец дена, но доколку се доцни со испораките сите од прехранбениот сектор можат да бидат погодени, посочувајќи дека суровините се заглавени на граница и се чекаат дозволи од санитарната инспекција.

“Покажуваме спремност и да не ги покачуваме цените и покрај промена на  увозните цени на суровините. Се придржуваме на ценовникот кој е утврден официјално во компанијата”, уверува Наумоски.