Српската кондиторска компанија Свислион ги сели во Македонија дел од производните линии од Србија и Босна и Херцеговина за да ги избегне негативните последици од царините од 100% кои косовските власти ги воведоа во 2018 година кон производите кои во Косово се увезуваат од Србија и БиХ.
“Свислион прави дислокација на производни линии во Србија и Босна и Херцеговина во Македонија со цел да се избегнат негативните последици од новонастанатата политичка ситуација на Косово и воведувањето на царините од страна на Косово. Ние како компанија се прегрупираме и се адаптираме кон новите услови за работа за да можеме да го покриеме и косовскиот пазар и да одговориме на сите предизвици”, вели Александар Јањиќ, генерален директор на Свислион Македонија, кој е најголем инвеститор од Србија во Македонија
За директорот Јањиќ, Свислион е успешна приказна во Македонија
“Во компанијата Свислион во Македонија се вработени над 600 лица, а секоја година реинвестираме од 1 до 1,5 милион евра во македонската економија. Инвестициите само во 2019 година ќе бидат над 3 милиони евра, претежно во Ресен, каде се завршува еден цел нов погон кој ќе биде пуштен во употреба годинава”, вели Јањиќ.
Јањиќ смета дека досега како компанија се задоволни од поддршката на институциите, но смета дека треба заеднички да се работи за намалување на административните и бирократски пречки кои на македонските и српските бизниси им губат непотребно многу време.
Свислион е присутен на македонскиот пазар од 1998 година. Во 2002 година е отворена првата фабрика во Скопје, во 2007 година беше реализирана купопродажбата на Агроплод Ресен.