Компанијата НЕЛТ СТ доби одобрение за овластен економски оператор

Компанијата Нелт СТ доби одобрение од Царинската управа за овластен економски оператор за царински поедноставувања, безбедност и сигурност во работењето.

НЕЛТ СТ, која е една од водечките компании во земјава во областа на логистика и дистрибуција е 15-та по ред македонска компанија која добива статус на Овластен економски оператор. Меѓу компаниите кои имаат одобрени за Овлстен економски оператор се Европа, Фершпед, ИГМ Трејд, Дрекслмаер, Витаминка и други. (Целосната листа на компании кои имаат оодобрение за овластен економски оепратор може да ја погледнете на следниот линк ).

Добивањето на статус на ОЕО потврдува и докажува дека компанијата ги извршува нејзините активности во согласност со правилата и препораките што се релевантни за ефикасноста и безбедноста на нејзините операции.
OEO компанијата нуди низа поволности како што се: намалени трошоци за трговски трансакции, приоритет при минување на граница, подобро управување и помалку контроли, меѓународно признавање и поголема вклученост во меѓународните трговски синџири.

Стекнувањето на статусот овластен економски оператор претставува сертифицирање на трговското друштво, како сигурен и безбеден партнер на Царинската управа и сигурен и безбеден партнер во меѓународниот и регионалниот синџир на снабдување.
Заради тоа Царинска управа постојано организира настани насочени кон запознавање на деловната заедница со концептот на ОЕО и ги охрабруват македонските компании да се здобијат со овој статус, со цел да можат да се вклучат во регионалните синџири на снабдување во рамките на ЦЕФТА и да ги искористат придобивките и поволностите со можноста за заемно признавање на одобрениот статус што ни претстои.
Штом ќе станете ОЕО, во меѓународната заедница ќе бидете препознатливи како кредибилен бизнис партнер, велат од Царинската управа.

Со Република Србија веќе е потпишан договор за меѓусебно признавање на ОЕО помеѓу двете држави што треба да придонесе за полесно движење на стоките помеѓу двете држави и намалување на трошоците за извоз и увоз, како и зголемување на безбедноста и контролата на стоките,  а се работи на меѓусебно признавање и со другите земји од регионот.

Сите овие процеси се дел од активностите на Повеќегодишниот акциски план за Регионална економска област и поголема регионална соработка во рамки на Берлинскиот процес за Западен Балкан.