Извозната компанија Конти Хидропласт од Гевгелија пушти во употреба нов производствен погон специјализиран за производство на цевки за гасоводни и водоводни системи.
Станува збор за инвестиција вредна 5,1 милион евра, финансирана од сопствени средства на компанијата, која исто така е поддржана од владината Програма за финансиска поддршка во висина од 10% од инвестицискиот циклус во времетраење од пет години.
“Законот за финансиска поддршка на инвестиците е од големо значење за домашните производствени индустрии и во голема мера го стимулира одржливиот раст и развој на компаниите”, изјави Борис Маџунков, генерален директор на Конти Хидропласт.
Гевгелиската Конти Хидропласт постои веќе 30 години и произведува полиетиленски и полипропиленски црева и цевки за водоводни, гасоводни и канализациони системи, кои 90% се наменети за извоз на странските пазари и тоа Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија.
Дополнително за прв пат Конти Хидропласт започнува извоз во САД, што според Манџуков е голем успех за компанијата.
Според податоците од специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, компанијата Контихидропласт е 30-ти најголем извозник во С.Македонија со извоз вреден 22,8 милиони евра во 2019 година.
Премиерот Зоран Заев, кој присуствувапе на пуштањето на новиот погон, истакна истакна дека Владата ги поттикнува компаниите кои и во кризата гледаат можност, инвестираат, вработуваат, освојуваат нови пазари.
„Новата инвестиција на „Конти Хидропласт“ се реализира со поддршка од Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Минатата година, финансиски се поддржани за инвестициите реализирани во 2019 година, со што од страна на Владата исплатени се 10% од оправданите инвестициски трошоци во 2020 како и 20% од трошоците за освојување нови пазари или со вкупен износ од 6.4 милиони денари. Градиме систем кој ги поттикнува успешните компании кои работат чесно, придонесуваат во сопствениот развој, вработуваа кадри и вложуваат во човечкиот капитал, а сето тоа значи и развој на државата. Компанијата го задржа истиот број на вработени – 185 лица, а дополнително постои потреба за нови вработувања, но и од стручна квалификувана работна сила. Во таа насока Владата го поддржува процесот на дуално образование и креирање на кадар кој соодветствува на реалните потреби на компаниите“, изјави премиерот Заев и додаде дека оваа година Владата преку директните капитални инвестиции отвора можност на преку 150 милиони евра развојни компоненти со производи од ваквото производство на цевки и црева за водоводи, канализација и гасификација на државата.