Во првите девет месеци годинава македонските компании увезле стоки во вредност од 5,3 милијарди евра. Тоа е за близу 813 милиони евра помалку од истиот период минатата 2019 година, односно намалување за 13,2%, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Заради тоа, трговскиот дефицит во првите девет месеци достигна 1,28 милијарди евра и е помал за 85 милиони евра, или 6,2% во споредба со истиот период минатата година.

Најголем пад има кај увозот на минерални горива, односно нафта и нафтени деривати, кој во првите девет месеци е помал за 188 милиони евра, што е пад за 42% во споредба со истиот период лани.

Во периодот јануари до септември нафтените деривати учествувале со 7,16% во вкупниот увоз направен во земјата.

Најголем дел од падот на увозот на нафтени деривати се должи на падот на цените  на нафтата, но и на помалата потрошувачка на нафтени деривати заради карантините и мерките преземени за спречување на ширењето на корона вирусот.

Но, податоците покажуваат дека увезените количини во првите девет месеци се помали за околу 7% во споредба со истиот период лани, што укажува дека поевтинувањето на нафтата на светските берзи заради пандемијата има најголемо влијание врз намалениот увоз.

Покрај нафтените деривати, голем пад на увозот се бележи во делот на увозот кој главно се поврзува со работењето на компаниите од автомобилската индустрија, кои беа силно погодени од пандемијата со корона вирус.
Увозот на обоени метали во првите девет месеци е помал за 214 милиони евра (-23%) во споредба со истиот период лани.

Увозот на машини и транспортни уреди годинава е помал за 170 милиони евра (-12,8%) во споредба со истиот период минатата година.

Вредноста на увозот на железо и челик во периодот јануари-септември годинава е помала за 55 милиони евра (-17%).

Пандемијата со корона вирус ги намали и производството и побарувачката за текстилните производи, заради што увозот на предизво, ткаенини и производи од отекстил во првите девет месеци бил помал за околу 50 милиони евра (-15,36%), во споредба со истиот период лани.

Короната го зголеми увозот на лекови за над 30 милиони евра 

Податоците покажуваат дека заради борбата со пандемијата во земјата е зголемен увозот  на медицински и фармацевтски производи. Во периодот од јануари до септември во увозот на медицински и фармацевтски производи изнесувал 160 милиони евра. Тоа е за 31 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани, што е зголемување за 23,6%.

Големо зголемување има и кај увозот на неоргански хемиски производи, кој во првите девет месеци е поголем за 33 милиони евра ( 30%), во споредба со истиот период лани.

Увозот на електрична енергија во периодот јануари-септември годинава надмина 111 милиони евра и е поголем за околи 9 милиони евра (8,72%) во споредба со истиот период лани.

Увозот на храна во првите девет месеци изнесувал 483 милиони евра и е зголемен за околу 3 милиони евра, или за 0,65% во споредба со истиот период лани.

Од каде најмногу извезуваме?

Гледано по земји, најголем дел од увозот во првиот јануари-септември годинава или околу 14% е од Велика Британија, дури 753 милиони евра. Тоа се должи на увозот на платина и паладиум кој се употребува во производството на катализатори во фабриката на британскиот Џонсон Мети во зоната Бунарџик. Увозот од Британија во првите девет месеци е зголемен за 2,4% или за 17,5 милиони евра.

Втор најголем пазар од каде најмногу увезува македонската економија е Германија. Во периодот јануари-септември 2020 година од Германија се увезени стоки во вредност од 563 милиони евра, кој е за 143 милиони евра помал во споредба со истиот период лани, што е намалување за 20,8%.

Трет по големина увоз годинава е направен од Србија, кој во првите девет месеци достигна вредност од 403 милиони евра и е за 41 милион евра (9,2%) помал во споредба со истиот период лани.

Следуваат Кина од каде во првите девет месеци сме увезле производи во вредност од 361 милион евра (+4,5%) и Грција од каде во истиот период е реализиран увоз во вредност од 321 милион евра, кој е помал за дури 34,4% или за 172 милиони евра во споредба со истиот период лани.