Извозот од Кина порасна за 11,4% во октомври во однос на истиот месец претходната година, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, како последица на поголемата побарувачка за медицинска опрема и технологија потребна за работа на луѓето од дома, во услови на растечкиот број на новозаразени од корона вирусот низ целиот свет, објави Ројтерс.
Растот на извозот од 11,4% во октомври следува по растот од 9,9% во септември, што се нов сигнал на брзото закрепнување на Кина и нејзината растечка улога во глобалната трговија.
Увозот на Кина од светот во октомври бележи раст од 4,7%, што е забавување од растот на увозот од 13,2% во септември.
Кина во октомври продолжува да го зголемува трговскиот суфицит со светот, кој достигна 58,44 милијарди долари, зголемувајќи се од суфицитот од 37 милијарди постигнат во септември.
Според аналитичарите, неочекуваното поголемо зголемување на кинескиот извоз во октомври сугерира дека кинескиот извоз е поотпорен во услови на вториот бран на коронавирус ширум светот.
Кинескиот извоз на медицинска опрема пораснал побрзо од која било категорија. Во првите 10 месеци извозот се зголемил за 43% во споредба со претходната година. Втор најголем раст бележи текстилот, ткаенини и друга сродна стока, кои пораснале за скоро 32%. Зголемувањето на извозот во октомври е забележано и кај електрониката.
Во време кога другите економии сè уште се борат со влијанието на пандемијата, поголемата поварувачка за производите произведени во Кина придонесе за побрзо закрепнување на кинеската економија која во третиот квартал порасна за 4,9%.
Кина ќе биде веројатно единствената економија која годинава ќе ја заврши со раст на економијата, додека останатите развиени економии ќе завршат со рекорден најголем економски пад.