Корона кризата го зголеми увозот и дефицитот, а го намали извозот на храна

Во првите пет месеци годинава македонските компании извезле прехранбеи производи во износ од 135 милиони евра, што е намалување за 8,5% во споредба со истиот период лани кога било извезена храна во врендост од 147 милиони евра.

Но, увозот продолжи да расте и во корона кризата. Во истиот период увозот на храна е зголемен за 4,4% и достигна 283 милиони евра. Со тоа дефицитот во трговијата на храна со светот во првите пет месеци годинава достигна 148 милиони евра и е за 24 милиони евра или 20% поголем во споредба со истиот период лани.

Во перидот од јануари до мај годинава во извозот ма храна доминира извозот овошје и зеленчук, чиј извоз надмина 60 милиони евра, што е близу 45% од вкупниот извоз на храна во овој период. Извозот на овошје и зеленчук во првите пет месеци бележи пад од 5,3% во споредба со истиот период лани.
Единствен сегмент кој бележи раст во извозот на храна е извозот на преработки од овошје и зеленлук, чиј извоз во првите пет месеци изнесува 23,3 милиони евра и е зголемен за 17,7%.

Втора најголема извозна ставка биле преработките од жита, со вкупен извоз од близу 30 милиони евра, кои бележат пад од 13,3%. Во овој сегмент најголем дел отпаѓа на кондиторските производи чиј извоз во првите пет месеци изнесува 23 милиони евра.

Извозот на месо и месни преработки се трета најголема извозна ставка во овој период со извоз од 13,7 милиони евра. Извозот на млечни производи и јајца во првиот период изнесува 7,5 милиони евра.

На страната на увозот доминира увозот на месо и месни преработки во вредност од близу 58 милиони евра.

Но, огромен дел од увозот или дури 49 милиони евра во првите пет емсеци годинава отпаѓаат на увозот на овошје и зеленчук.

Увозот на жита и преработки од жита изнесувал 41 милион евра, а дури 31 милион евра изнесувал и увозот на млеко и млечни производи.