Извозот на македонско брашно веќе 25 дена е блокирано од Косово со образложение дека во него има повисоко на ниво на железо и фолна киселина од пропишаното.

Мелничарите преку Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора за проблемот веќе ги известиле Министерството за економија и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), но засега немаат најави за брзо решение на проблемот.

“Сакаме да ги известиме јавноста, земјоделците и Владата дека како извозници на брашно се соочуваме со измислена, вештачка блокада од страна на Косово веќе 25 дена. Веќе 15 и повеќе години извезуваме брашно во Косово по нивните критериуми без проблеми. Како извозници правиме анализи на брашното во нашите акредитирани лаборатории, за да провериме дали ги исполнуваме условите, како и од официјални причини за извоз, односно за да добиеме сертификат за потекло и квалитет за извоз на брашното. Во последните 25 дена, Косово ни ги враќа камионите под изговор дека нивото на железо и фолна киселина е под пропишаниот правилник, иако и пред испорака и по враќањето нашето брашно е испитано во нашите лаборатории и констатирано е дека содржи повеќе од минималната утврдена количина на железо и фолна киселина”, вели за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ .

Тој ги обвинува надлежните за немање слух и водење неправилна политика.

-Групацијата веднаш ги извести официјално АХВ и Министерството за економија за вештачката блокада од Косово, но до ден денес никој официјално не изреагира. Барем да не викнеа на состанок. Поради неслухот на нашите државници и неправилната политика, во изминатите години земјава е доведена на ниво на најзависна држава од увоз за најосновните земјоделски култури. До 2005 година бевме лидер во производство и преработка на земјоделски култури и сточарство по глава на жител. Сега, ниту земјоделците, ниту преработувачките капацитети имаат интерес да го зголемат производството за да бидат доволно самостојни во исхраната на сопствените граѓани, без разлика на субвенциите кои се доделуваат. Од истата причина, поради неодговорноста за заштита на домашното производство, се случуваат сегашните ценовни зголемувања на најосновните производи, истакнува Малишиќ.

Мелничката индустрија апелира до Владата, одговорните министерства и државни агенции, веднаш да го решат проблемот со извозот, како и неконкурентниот и неконтролиран увоз на брашно со околните држави кои се потписнички на ЦЕФТА и со соседите кои се членки на ЕУ.

-Ако не можат, тогаш нека спроведат соодветен реципроцитет. Изгледа дека само ние ги почитуваме ЦЕФТА протоколите, а домашното преработувачко производство во изминатите 15 години се намали за најмалку 60 отсто. Апелираме дека е крајно време да се преземат мерки за заштита и зголемување на домашното производство и преработка. Во спротивно, ќе се соочиме со енормно зголемување на цените на брашното и лебот како основни суровини од пченицата, која пак е заштитена со Закон како стратешка култура, кој Закон ниту еден државник не го почитува од 2000 година па наваму, предупредуваат мелничарите.

Според Малишиќ, сите членки на ЦЕФТА на најразлични начини го блокираат увозот на брашно како стратешки државен производ.

– Албанија ги има зголемено критериумите на протеин во брашното со што е невозможно да го произведеш во балкански услови освен ако користиш најквалитетна пченица, која пак пченица во наши услови е поскапа од брашното кај нас или кај нив. Косово, веќе спомнав, со правилник за дополнителни количини железо и фолна киселина. Во Србија производителите и преработувачите на пченица (мелнички капацитети) се подржани со најразлични субвенции, со што цената на брашното е скоро иста како цената на пченицата иако во ЦЕФТА комитетот постои оддел за антидампинг цени, вели претседателот на Групацијата.

Извозот на македонско брашно на Косово е минимум 600 тони месечно, а изминативе денови биле вратени најмалку 300 тони брашно.

Според податоците на Стопанската комора, лани извозот на македонско брашно на Косово на годишно ниво бил 4.400 тони, а во 2019 година изнесувал 8.400 тони.