Кромберг и Шуберт Македонија: Нашите вработени се нашата најсилна страна

Интервју со дел од тимот на Кромберг и Шуберт Македонија ДООЕЛ Битола за работењето на компанијата за време на пандемијата на Ковид 19, општествената одговорност на компанијата и нејзиното влијание врз македонскиот пазар.


Менаџмент на Кромберг & Шуберт Македонија

 

 

Кромберг и Шуберт има посебна бизнис-приказна со успешен развој на производи преку уникатна посветеност која опфаќа повеќе од 110 години од основањето, па сè до денес.
Денес, Кромберг и Шуберт успешно функционира и е глобален лидер во автомобилската индустрија со фабрики во над 36 локации и над 50.000 вработени.
Клучот за успехот е културата на компанијата, а во Македонија, Кромберг и Шуберт Македонија (КШМК) денес брои повеќе од 5.500 вработени.

„Нашите вработени се нашата најсилна страна“ е едно од нивните главни начела па затоа компанијата не пропушта прилика да ги мотивира своите вработени, да ги поддржи, надогради и да придонесе секој да го најде своето место во организацијата.
Вреднувајќи ги сите кои се дел од КРОШУ – семејството, компанијата создава култура дека индивидуалната работа на секој вработен, на крај создава вредност за сите.

За тоа, како оваа компанија се справува со пандемијата, за работата со човечките ресурси, за влијанието на компанијата врз македонскиот пазар и слично, разговараме со дел од тимот на КШМК: комерцијален и технички директор, Тања Милисковиќ и Уве Шилиг, (понатаму во текстот: раководство), Светлана Пејковска, менаџер за човеки ресурси, Ирена Ристевска, заменик менаџер за човечки ресурси и одговорна за пресметка на плати, Стевче Ристевски, координатор за обуки, Тома Томовски, координатор за односи со вработени и со Ленка Солеска Василевска и Каролина Стојчевска, одговорни за набавки.

 

 

Извоз.МК: Какви се промени во работењето направивте како компанија со цел полесно надминување на предизвиците кои ги наметна кризата со корона вирусот, да го заштитите здравјето на луѓето и непреченото одвивање на работењето?

Тома Томовски: Во текот на изминатата година како компанија, но и како општество се соочивме со ситуација која налагаше целосни промени во начинот на работењето, водењето бизнис, донесување на деловни одлуки, па и целосно промени во секојдневието и начинот на живот. Во нашата компанија секогаш главен акцент и најважна е грижата за вработените, квалитетот на нашиот производ и клиентите, но во услови на пандемија посебен императив е зачувување на здравјето на сите вработени.

Поради фактот што сме голем број на вработени веднаш беа имплементирани сите мерки кои се препорачани од СЗО, Владата и Министерството за здравство на Република Македонија, но и покрај нив дополнително имплементиравме и мерки со кои сакавме да бидеме сигурни дека нашите вработени ќе бидат заштитени во текот на целото работно време. Тоа подразбира реорганизиација на социјалните простории (кантина, соблекувални, места за одмор), целосна дезинфекција на целата фабрика, озонирање во наработните денови, мерење на телесна температура на секој вработен, како и постојано носење на заштитни маски и останата заштитна опрема. Дополнително, правиме напори на вработените да им укажеме од колкава важност е да се почитуваат превентивните мерки, пред сè заради нивна лична заштита, а понатака и за нивните семејства, па постојано организираме обуки, прикажуваме едукативни видеа, делиме флаери и слично. Целиот овој труд придонесе да имаме изолирани случаи на позитивни вработени, кои за жал вирусот го добиле надвор од работното време и до сега успеваме да спречиме внатрешна трансмисија на вирусот.


Извоз.МК:
Кромберг & Шуберт е најголем работодавач во земјава со над 5.500 вработени на крајот на 2020 година. Како кризата се одрази врз бројот на вработени?

Светлана Пејковска: Изминатата 2020 година, како и за сите компании на глобално ниво, беше една предизвикувачка година, година на прилагодување, промени и следење на работата на клиентите. Како компанија која ги има за свои клиенти едни од најпознатите производители на автомобили во светски рамки, имајќи го на ум импактот на пандемијата врз автомобилската индустрија, во текот на минатата година моравме да го прилагодиме нашето работење согласно нивните потреби. Тоа, резултираше со целосно затворање на фабриката во текот на месеците март, април и мај, подолги летни колективни одмори, честа промена на нарачките и подолги зимски колективни одмори, што имаше голем финансиски импакт. Но, нашата цел беше да се стабилизираме во најбрз можен рок, да се подготвиме за новите услови на работа и да ги вратиме мнозинството наши колеги на своите  работни места и може гордо да кажеме дека до сега тоа успешно го правиме, иако не е лесно и бара многу чести промени во организацијата на производните линии и смените, меѓутоа нашите вработени ни се голема поддршка и заеднички наоѓаме решенија.

Извоз.МК: Без разлика на кризата, досегашното работење на Кромберг & Шуберт во земјава покажува импресивен развој. Фабриката беше отворена во зоната Жабени кај Битола пред околу девет години и досега за овој период Кромберг & Шуберт успеа да стане четврта најголема компанија во земјава според приходи, втор најголем извозник и најголем работодавач. Можете ли да дадете осврт на најважните фази во досегашниот развој на компанијата и колку се исполнети целите на инвеститорот од влезот во Македонија?

Светлана Пејковска: Импресивниот развој на компанијата, како што и самите кажувате, се должи на многу труд, љубов кон самата приказна за КШМК, работа со секој поединец, посветеност, желба за успех и верување во големата слика за успех на компанијата.
Моментално имаме околу 5.500 вработени и тоа не само од Битола, туку имаме вработени од целиот пелагониски регион, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, околните села и населени места, а имаме и по некој вработен од Скопје, Делчево, Крушево, Охрид и други места.

Во 2012 година, најпрво започнавме со производство на полу-производи и базични кабли за Мини Купер и за БМВ, за потоа, задоволни од нашиот начин на работа и квалитетот на производите, нашата централа во Германија да одлучи во Македонија да се донесат и нови клиенти, и тоа најпрво Мерцедес, а потоа и Ауди. Новиот бизнис беше причина за екстензијата во 2016 година, со што вкупниот капацитет на фабриката беше дуплиран.

Моментално располагаме со 46.000 м2 работна површина и активно работиме на производство на кабелски инсталации за Мерцедес комбиња: Sprinter, V- Class и Vito и за Ауди А4. Зголемување на капацитетот, значеше зголемување на бројот на работни места, зголемување на побарувачката за производи од македонскиот пазар и дополнителен раст и развој на локалните компании со кои веќе имаме долгогодишна соработка.

Целиот овој труд на менаџментот на компанијата, како и на сите вработени, придонесе да станеме најголемиот работодавач во државата во приватниот сектор, а и втор најголем извозник.
Економските показатели говорат за успехот, но она што нè прави навистина горди е: начинот на работа и поставување на пример за работа со интегритет, посветеност и ставање на вистинските вредности на прво место; заложбата за подобрување на квалитетот на животот на нашите вработени, а понатака и општествена одговорност како компанија кој сме ја докажале со големиот број на донации во сите области и аспекти во општеството (здравство, образование, спорт, култура и останато).
Ова се факти кои нé прават уникатни и успешни како странска инвестиција, не само во рамките на државата, но и во рамките на Групацијата.

Извоз.МК: Колку досега има инвестирано Кромберг & Шуберт во земјава и какви се плановите за иднина? Дали се планираат нови инвестиции и проширувања и од што би зависеле тие?

Раководство: Пред некое време излезе една дезинформација во јавноста дека „К&Ш се одлучиле да реинвестираат во Србија и ја одминале Македонија“, што не е точно. Се работи за некаква забуна или грешка. Инвестицијата во Србија беше преговарана и потпишана во 2015-2016, а градбата се случуваше во текот на 2017 година, во исто време кога беше проширувањето во Македонија, односно градењето на екстензијата, така да, не сме биле одминати.
Да се вратиме на темата, досега во фабриката во Битола се инвестирани околу 74 милиони евра во градбата на објектот и во опрема. Минатата година и сите промени кои се случија, особено во автомобилската индустрија донесоа многу неизвесност. Токму поради тоа, сме претпазливи и моментално фокусирани на финансиско опоравување и стабилизирање на компанијата. Следиме како ќе се однесуваат и како ќе реагираат клиентите, па соодветно ќе се прилагодуваме.
Плановите за инвестирање зависат од новиот бизнис кој би го добила нашата Групација во Германија. После тоа започнуваат анализи за најдобра локација, во смисла на правна и фискална стабилност, геополитичка состојба и особено достапност на работна сила, бидејќи ние спаѓаме во трудовоинтензивна индустрија.
Македонија како локација добро котира. Дополнително, досегашните резултати од работењето на фабриката во Битола, довербата од нашите клиенти и добрата соработка со Владата и со институциите во државата, нé ставаат во поволна положба.
Во фабриката во Битола немаме повеќе можност за проширување бидејќи максимално е искористен просторот. Меѓутоа, генерално сé е возможно и ништо не е исклучено.
Да видиме како ќе се одвиваат нештата во пост-ковид светот, како ќе се движи побарувачката и продажбата на нови возила на пазарот, како ќе се справат производителите со новите законски регулативи за критериумите кои треба да ги исполнат возилата, во смисла на еколошки стандарди и секако развојот на електричните возила.
Доколку се создадат услови и се појават нови проекти кои би можеле да се донесат во Македонија, ние како тим би биле среќни да градиме и да растеме повторно, спремни сме за нови предизвици.

ИзвозМК: Колку соработувате со добавувачи од локалниот, македонски, пазар и со кои се предизвици се соочувате во одделот на набавки во услови на пандемијата со Ковид 19?

Ленка Солеска Василевска: Нашата компанија од почетокот на нејзиното функционирање работи посветено на градењето на долгорочни партнерства со македонските компании. Локалните добавувачи се секогаш наш приоритет и прв избор. Соработуваме заеднички на различни проекти, придонесуваме за зајакнување на нивните капацитети, професионалност, заложби за усовршување и им овозможуваме можности за дополнителна оддржливост.
Соочени со предизвикот од Ковид 19 пандемијата, постојано изнаоѓаме заеднички иновативни решенија и мерки, со кои би ги одбегнале/намалиле ризиците во синџирот на набавки, започнувајќи од ненајавено доцнење на испораката, па сè до неиспорачување на одреден производ или услуга. Успешно менаџираме достава на квалитетни производи од локалниот македонски пазар и недостатокот на производи/услуги во одреден сегмент предизвикан како последица на пандемијата, генерално се превенира преку постоење на поголема мрежа на заменски добавувачи.
Секако, и во услови на глобална криза, целосно се раководиме од култура на работење со потполн интегритет, остануваме доследни на нашите локални добавувачи, ги поддржуваме, обезбедувајќи им сигурни приходи во многу непредвидливи околности. Локалните добавувачи се наша вредност и дефинитивно остануваат во нашиот фокус и следниов период.

Ленка Солеска Василевска, (лево) и Каролина Стојчевска (десно), Оддел за набавки во Кромберг & Шуберт Македонија

Извоз.МК: Што значи да се биде одговорен за набавки во една голема интернационална компанија, посебно во период кога има големи нарушувања во синџирите на снабдување?

Каролина Стојчевска Да се биде дел од тимот на набавки  во интернационална компанија, како нашата, претставува голем предизвик. Самата позиција носи голема одговорност бидејќи нашето делување има директно влијание врз синџирот за снабдување, па постојано мора да се внимава на рокови, начини на испорака, комерцијални услови за на крај да добиеме производ со квалитет согласно нашите барања и секако во бараната временска рамка. Со мојата колешка Ленка заедно работиме веќе осум години на оваа позиција и сме се соочиле со најразлични  ситуации, меѓу кои пандемијата, но тимската работа, взаемната поддршка, како и поддршката од нашите претпоставени е она што не прави успешни за да ги постигнеме целите како оддел и да ги минимизираме ризиците.

Долгите години стаж во оваа компанија се доказ дека вреднувањето на трудот, признанието, поддршката, слободата да донесуваш одлуки, вложувањето во кариерниот развој и лидерската култура на претпоставените придонесуваат создавање на чувство за припадност кон заедница, за која се грижиш и цел ти е да го направиш најдоброто за неа.

Промовирањето на овој начин на водење претставува мотивација плус за задачите да се извршуваат посветено, со енергија и страст. Работата во овој оддел е доста динамична, интересна и постојано се учи нешто ново, па никогаш не е досадно и секогаш има ново барање, нов предизвик.

ИзвозМК: Кромберг & Шуберт е една од ретките компании во земјава која се труди да гради посебен однос со вработените и постојано вложува во градењето на тимскиот дух во компанијата. Станува збор за култура која е карактеристика на Кромберг & Шуберт или на локален пристап на компанијата? Какви се резултатите од оваа деловна култура и дали тоа помага во полесно привлекување на работници?

Ирена Ристевска:  Во нашата компанија вработените се секогаш на прво место. Ова начело е наше мото од почетокот, па до денес. Водени од големата слика, во која сите сме еднакви и сме дел од големото Крошу семејство, работиме заедно на остварување на заедничките цели. Во нашето семејство има место за сите кои сакаат да работат чесно, посветено, професионално, да учат, да се почитуваат меѓусебно, да си помагаат и да работат мајсторски.

„Мајсторството“ како принцип постојано го промовираме, бидејќи сите ние треба да се стремиме да станеме „мајстор“ за својата работа, а тоа значи: секој да биде најдобар што може, секој ден, секој саат во текот на работното време. За да се биде најдобар потребно е да се сака и почитува тоа што се работи и истото да се развие на ниво на мајсторство.

Ако се постигне тоа, човек станува успешен, ако е успешен, значи е богат, а „богат“ значи човек со: знаење, вештини, искуства, способности, финансиска сигурност, колеги, исполнетост, имање смисла и цел во работата… а сето тоа на крај значи задоволен и мотивиран вработен кој создава вредност пред сè за себе, а потоа и за компанијата и сите останати. Со други зборови, магија за успех нема, од сите нас зависи, од нашата работа и од индивидуалниот придонес на секого.

Стевче Ристевски: Во контекст на ова, дополнително се организираат интерни обуки за лидерство, кои вклучуваат развој на меките вештини и компетенции на вработените. Исто така, паралелно се организираат и обуки чија цел е развој на техничките способности, експертски вештини и презентација на различни помошни алатки кои се насочени кон постојано подобрување на производствениот процес, односно контрола на истиот и обезбедување на квалитет на производот.
Нашата ориентираност е да имаме задоволни вработени, поради тоа постојано инвестираме во нивниот дополнителен професионален и едукативен развој и горди сме на фактот што повеќе од 5.000 вработени биле дел од интерна и/или екстерна обука. Фокусот е нашите вработени да се стремат кон остварување на целите на компанијата, но нашата интенција е секако тоа да биде во чекор со остварањето на нивните кариерни амбиции.
На тој начин со нашата интерна програма за „Управување на таленти“ им нудиме можност да конкурираат за работни места во фабриките на другите локации и својата кариера да ја остварат како лидери на проекти, раководители на сектори и слично, во нашата или во фабриките во другите држави.
Нашата цел е подобрување на знаењето и развивање на нашите луѓе во вистински професионалци. Учењето да се функционира во средина со стандарди, дисциплина и заедништво, носи многу бенефити и тоа не само на професионален туку и на приватен план. На овој начин се создаваат нови навики кај луѓето, тие стануваат поорганизирани, почитуваат ред, не сакаат неред, стануваат поефикасни и поефективни, дури и во извршувањето на другите секојдневни обврски.
Ваквата заложба на компанијата секако влијае и на подобрувањето на културната етика како во фабриката, така и во градот. Па, нескромно може да кажам, дека нашите вработени се личности кои секогаш се подготвени да помогнат онаму каде има потреба.

Стевче Ристевски, координатор за обуки (лево), Тома Томовски, координатор за односи со вработени (средина) и Ирена Ристевска, заменик-менаџер за човечки ресурси (десно).

Извоз.МК: Многу странски и домашни компании во изминатиов период помогнаа на здравствениот систем во земјава за полесна борба со коронавирусот. Какви активности реализираше Кромберг & Шуберт во овој дел?

Каролина Стојчевска: Како еден од најголемите работодавачи во Македонија секако дека фокусот го насочуваме и кон развој на локалната заедница и свесни сме за влијанието што го имаме врз околината. Поради тоа, постојано сме дел од разни донации, спонзорства, хуманитарни акции и се обидуваме да поттикнеме правилен и здрав развој на околината, сакаме активно да се вклучуваме во решавање на проблемите за да го подобриме квалитетот на живот.
Конкретно, за време на пандемијата ја оспособивме лабораторијата при Центарот за Јавно Здравје во Битола да може да се вршат тестирања за Ковид 19 со донирање на Екстрактор. Станува збор за InnuPure C16 touch, апарат со кој веќе се спроведуваат потребните тестирања. Оваа лабораторија е едниствена од ваков вид надвор од главниот глад. Исто така, за битолската Болница, а и други установи, на неколку наврати дониравме заштитна опрема, средства за дезинфекција, тунели за дезинфекција, скафандери и слично. Паралелно, остануваме и понатаму поддршка на голем број државни училишта, установи, културни, спортски настани  и слично.
Филантропијата е принцип кој нé води и сметаме дека со нашите дела шириме позитивен елан и мотивираме и останати правни субјекти и индивидуалци да го следат нашиот пример.

Тука би сакала да ја споменам и донацијата на која особено се радувавме како тим, иако не е поврзана со пандемијата, меѓутоа ќе значи многу за сите родители во регионот, а тоа е донацијата за градење на нова градинка, секако партнерски и во соработка со општина Битола.

 

ИзвозМК: Од досегашното ваше искуство во земјава, што е најважно за еден инвеститор да инвестира и кои би биле најголемите пречки за привлекување на инвестиции?

Раководство: Веројатно за секој инвеститор, во зависност од областа на работа и фазата во која се наоѓа, различни фактори (или услови) се помалку или повеќе важни.

Конкретно за нас, клучно во моментот на носење одлука за инвестирање во Македонија и Битола беше расположивоста на работната сила во регионот, бидејќи како што кажавме погоре, спаѓаме во трудоинтензивните индустрии. И доколку дојде ред да се прават анализи за нови инвестиции во земјата, повторно ова би било еден од одлучувачките фактори.
Понатаму, важна е политичката стабилност во државата, правната сигурност, соработката со институциите, локални и национални и нивниот однос кон инвеститорите, бидејќи видовме дека сé може да се случи и треба да имате сигурни партнери со кои ќе работите на изнаоѓање решенија на разни проблеми.
Исто така, важна е фискалната стабилност, движењето на оперативните трошоци и трошоците за живот во земјата, движењето на платите, стапката на инфлација, а многу важна е и инфраструктурата (добри патишта, непречен транспорт, мрежи за снадбување со струја, вода итн.)
За нас, големо значење имаат даночната и царинската политика. Последните промени во регулативата и усогласувањето на царинските стапки на одредени тарифни кодови со ЕУ имаа големо позитивно влијание на нашето работење. Понатаму, важни се исто така, стапката на економски раст, каматите и достапноста на извори на финансирање, стабилноста на банкарскиот систем и генерално нивото на продуктивност во државата.
Како најголеми пречки за привлекување на инвестиции би ги навеле, на прво место, корупцијата, во најширока смисла, како менталитет, во сите сфери на живеење и делување, на сите нивоа, политичка нестабилност и неконкурентност.

Извоз.МК: Автомобилската индустрија, посебно германските автомобилски производители, нема лесно да се опорават од кризата. Какви се плановите и проценките за годинава,очекувате ли пад на работењето и извозот?

Раководство: Во овој период, како што рековме и претходно, сè уште постои голема неизвесност како ќе се движи економијата генерално во светски рамки, а особено голема неизвесност постои во автомобилската индустрија.
Никој не може со сигурност да предвиди како ќе се одвиваат нештата. Ние извезуваме во Германија и Шпанија, земји кои беа меѓу најпогодените од здравствената криза.
Нашите вкупни нарачки од клиентите се намалија за отприлика 30% минатата година. Сега сме во фаза на постепено опоравување и стабилизирање.
Со моментално расположливите информации, не очекуваме нови, поголеми промени кои драстично би влијаеле на извозот или на обемот на работа. Ја следиме ситуацијата и се надеваме дека европските држави со процесот на вакцинација постепено ќе ја стават пандемијата под контрола и дека нема да има повторни затворања.
Сè уште  има многу проблеми и предизвици во процесот со снабдување на материјали за производство, што предизвикува често откажување на смени. Сметаме дека оваа 2021 година ќе биде година на заздравување и опоравување во секоја смисла, па можеби после тоа, наредните години, здравје Боже, ќе можеме да очекуваме и некакво зголемување на обемот на работа.
Да бидеме здрави и живи и да останеме добар и сложен тим, тоа е најважно. Работата на секој од нас поединечно создава вредност за 5.500 луѓе и нивните смејства. Ние сите навиваме заеднички да имаме повеќе можности да работиме, да произведуваме, да создаваме, да градиме и да прославуваме заедно. Сé добро што попатно ќе дојде, добредојдено е.