КРУМ ЕФРЕМОВ, амбасадор на Р.С. Македонија во Украина

 

 

Украина е земја со 45 милиони жители со која Македонија има склучено Договор за слободна трговија уште од 2001 година и со која од минатата година имаме и безвизен режим за патување. Иако потенцијалите за извоз и за трговија се многу големи, само неколку македонските компании извезуваат на големиот украински пазар, а извозот лани е околу 8 милиони евра, што е многу мал извоз ако се спореди рекордната 2011 година кога на овој пазар се извезувале 68,3 милиони евра.

Крум Ефремов, амбасадорот на С.Македонија во Украина ексклузивно за порталот Извоз.МК ги посочува областите во кои може да се зголеми трговската и економската соработка и потенцијалите за зголемување на извозот на украинскиот пазар.

 

Како ги оценувате македонско-украинските односи на политички и економски план и каде ги гледате потенцијалите за подобрување на економската и трговската соработка меѓу двете Македонија и Украина?

 

Република Северна Македонија(РСМ) и Украина се две приjателски земји кои што имаат изградено добри односи и на политички и на економски план. Впрочем, ние споделувааме исти стратешки приоритети, за членство во Европската Унија и НАТО.

Потенцијалите за зголемување на билатералната економска и трговска соработка се големи. Имаме склучено Договор за слободна трговија уште од 2001 година, кој е во постапка за изменување и дополнување со цел да се овозможи повисоко ниво на либерализација на трговијата во земјоделскиот сектор и олеснување на трговијата со цел зголемување на обемот на трговската размена.

Интересни економски области кои имаат можност за поголема соработка се: енергетскиот сектор, градежништвото, ИКТ секторот, туризмот, понатаму заеднички инвестиции за настап на трети пазари и сл.

Украина е голем пазар, со кој имаме потпишано Договор за слободна трговија, а од годинава се укинаа и визите за патување во двете земји. Сепак, извозот на македонските компании е се уште многу мал и се движи од 7 до 8 милиони годишно. Зошто е тоа така и како може да се зголеми извозот?

 

Украина е голем 45 милионски пазар кој има добри природни ресурси за економски развој. Извозот на стоки од Р.С.Македонија во Украина е на ниско ниво, но има голем потенцијал за зголемување во иднина.

Во периодот од 2008 до 2018 година извозот во Украина просечно годишно учествува со 0,4% во вкупниот извоз на С.Македонија. Во 2011 година извозот во Украина достигна највисока вредност и изнесувал 68,3 милиони евра, што претставува зголемување за повеќе од четири пати во однос на 2010 година. Ваквиот раст скоро во целост се должи на зголемениот извоз на производите феросиликоманган и феросилициум од компанијата Југохром.

Во 2017 година извозот во Украина изнесуваше 6,6 милиони евра, а во 2018 година има тренд на зголемување, во трите квартали на минатата година извозот достигна 7 милиона евра.

Гледано по производи во последните години најзастапени производи во извозот во Украина се: лекови за малопродажба, електрични акумулатори; рана зелка и друг зеленчук, неизжилен тутун, електрични грејачи на вода, заварени цевки, производи за исхрана и сл.

Она што ни фали за зголемување на извозот е поголема присутност на македонските компании на саемските манифестации во Украина и директни контакти на бизнисмените од двете земји со цел поголемо искористување на потребите на украинскиот пазар со нашите извозни производи.

Секако и Амбасадата на Република Северна Македонија во Украина, преку користењето на алатките на економската дипломатија, работи на промовирање на економските потенцијали на Р.С.Македонија и дава помош на македонските компании кои имаат планови за настап на украинскиот пазар.

Каде ги гледате потенцијалите за зголемување на извозот на македонските компании на украинскиот пазар? Кои производи би можеле добро да поминат на украинскиот пазар?

 

На украинскиот пазар голем потенцијал за извоз имаат македонските компании кои произведуваат и продаваат вино и алкохолни пијалаци, млечни производи – особено сирење и кашкавал, конзервната индустрија – особено ајварот и други преработки на зеленчук, машинската индустрија, фармацијата, органската храна, кондиторската индустрија и сл.
Како ги оценувате инвестициите меѓу двете земји? Има ли интерес за вложување на украински компании во Македонија и во кои сектори?

 

Инвестициите меѓу двете земји се на ниско ниво. Во вкупниот прилив на странски директни инвестиции во Р.С.Македонија за периодот од 1997 до 2017 година, Украина учествува со околу 2,8 милиони евра, т.е. 0,1% од вкупните инвестиции во земјата.

Од нашите поголеми компании, единствено Алкалоид ДОО Скопје има своја подружница во Киев, Украина.

Во 2012 гдина компанијата „Укразпроект“ победи на меѓународен тендер и учествуваше во проектирање на 160 километри магистрален гасовод во Р.С.Македонија.

Во 2015 година е реализирана странска директна инвестиција во Р.С.Македонија од софтверската компанија „Symphony Solutions“ (IT компанија од Лвов со дански капитал), која вработи 30-тина работници, а во втората фаза се планира дополнително вработување на уште 100-тина работници.

Интерес за инвестирање пројавиле и украински компании, кои биле во посета на Р.С.Македонија во изминатите неколку години, во секторите преработка на земјоделски производи и производство на храна, како и во фармацевтската индустрија.

Украина поминуваше низ една специфилна политичка криза заради конфронтацијата на Русија на нејзиниот евроатлантски пат. Колку е од овој аспект Украина сигурна за бизнис? Имате ли некои препораки или совети кои би им помогнале на македонските компании за полесен настап на украинскиот пазар?

Украина после „Мајданската револуција“ го промени надворешно политичкиот курс кон градење на стратешко партнерство со САД, преку приклучување во евро-атлантските интеграции. Политичката и безбедносната криза во Украина беше главна тема и во партнерските односи на Украина со САД, Г7, ЕУ и НАТО.

Економските односите на ЕУ со Украина се регулирани  преку  Спогодбата за асоцијација која стапи на сила на 01 септември 2017 година. Економскиот дел на оваа Спогодба опфаќа воспоставување на слободна трговска зона и добивање на визна либерализација за украинските граѓани што овозможи и реално зголемување на економската соработка на Украина со ЕУ.

Се поголемото присуство на странски инвестиции од развиените земји укажува на перспективата и големите можности кои ги нуди Украина за поголем бизнис во иднина. Ги охрабрувам македонските компании да ги искористат погодностите од Договорот за слободна трговија, како и визната либерализација, за поголем економски настап на украинскиот пазар.
Амбасадата на Р.С. Македонија во Украина е секогаш отворена за помош на македонските компании.

Каде ги гледате другите области каде Македонија и Украина би можеле да соработуваат?

 

Во нашите активности на 27 ноември оваа година организиравме презентација за инвестиционата и извозната промоција на Р.С.Македонија пред заинтересираните украински компании и претставници на стопанските комори од одделни региони во Украина. На овој настан беше покажан интерес на украинските компании за формирање на Бизнис клуб за соработка со Р.С. Македонија во кој ќе може да земат учество и да се зачленат сите заинтересирани компании кои веќе работат или планираат да соработуваат со македонски компании.

Другите области во економската соработка треба да произлезат од овие бизнис асоцијации и комори кои преку директна координација ќе ги согледуваат можностите и ќе предлагаат други повисоки форми на соработка како на пример, заеднички вложувања на компании од двете земји во настап на трети пазари.
Исто така и секторот на услугите има големи можности за поголема соработка во иднина, како на пример ИТК секторот, туризмот, градежништвото и сл.