Шефовите на владите на 27-те земји на Европската унија по неколку дневни преговори, рано утрово постигнаа важен договор за фондот за закрепнување од пандемијата на корона вирус тежок 750 милијарди евра.
Ова се смета за историски договор за иднината на ЕУ, кој беше постигнат  маратонските 100 часовни разговори и преговори во Брисел.

Претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел изјави дека верува оти договорот ќе се смета за „клучен и историски момент“ за Европа.
“”Успеавме! Европа е силна. Европа е обединета. Ова, секако, беа тешки преговори во многу тешки времиња за сите Европејци”, рече тој на прес-конференција рано во вторникот објавувајќи го договорот.

Мишел рече дека договорот е „добар и силен“ и што е најважно, дека во моментот тоа е вистинскиот договор за Европа.
Според постигнатиот договор, во рамките на фондот 750 милијарди евра, 390 милијарди евра ќе бидат неповратни грантови, што е намалено од првично предложените 500 милијарди, под притисок на Холандија и Австрија. Останатите ќе се одобруваат како заеми.

На самитот исто така беше договорен и седумгодишниот буџет на ЕУ за периодот 2021-2027 тежок  1.074 милијарди евра.
По вестите за договорот се забележа пораст на еврото на четиримесечно ниво од 1,1470 долари.

Шефовите на држави се „заклучија“ во петокот за да разговараат за предложениот фонд и следниот буџет на ЕУ. Сепак, имаше големи разлики во тоа како да се подели износот помеѓу грантовите и заемите, како да се следи нивното инвестирање и како да се поврзе со демократските вредности на ЕУ.

Затоа ова беше еден од најдолгите самити на ЕУ во историјата. “Европа како целина сега има големи шанси да излезе посилна од кризата. Имаме многу работа пред нас, но направен е голем чекор напред кон закрепнување”, рече претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека договорот е „навистина историски“ и дека е убеден дека планот за обновување и буџетот може да го исполнат предизвикот на пандемијата на коронавирус.
„Ова беше самит чии заклучоци се навистина историски. Ние ја воспоставивме можноста да позајмуваме колективно, за прв пат да воспоставиме план за колективно закрепнување “, рече Макрон. „Со овој план за закрепнување, ќе постигнеме скоро двојно зголемување на европскиот буџет во текот на следните три години“.

Инаку, ЕУ веќе одобри 540 милијарди евра краткорочна фискална помош за надминување на економскиот шок. Ова се надоврзува на износите што индивидуалните влади им ги доделија на своите економии.
Покрај тоа, Европската централна банка спроведува програма за купување државни обврзници во износ од 1,35 илјади милијарди евра.

Влогот во овој Самит беше голем со економиите на ЕУ во пад, бидејќи Европа се соочува со својата најдлабока рецесија од Втората светска војна. Првичните мерки за олеснување истекуваат летово, а стравувањата беа дека без ваков заеднички договор за закрепнување, есента се можни подлабока економска слабост и социјално незадоволство.
Според изјавите на дипломатите, неуспехот би ризикувал дополнително да го оштети блокот кој се бори со „Брекзит“ и со последиците миграциските напливи, еврокецептицизам и националистички и протекционистички сили.

 

Извор: Reuters