Лидерите на земјите од Западен Балкан, учесници на денешниот Самит во Софија во рамките на  Берлинскиот процес, денеска ги потпишаа Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ, и Декларацијата за зелената агенда, кои се изработени и усогласени во годината кога со процесот ко-домаќини се Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Во Декларација на лидерите на земјите од Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар обединувачката заложба е трансформацијата на регионот во склад со правилата и стандардите на ЕУ, а со цел да се зајакне конкурентноста на регионот за да се приближиме до стандардите на единствениот пазар на ЕУ. За оваа на Самитот во Софија е донесен и Акциски план со конкретни чекори кои на регионалниот пазар ќе му обезбедат да се интегрира во ланците на европскиот и светскиот пазар.

Во поддршка на реализацијата на оваа цел клучна улога има сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан за проекти во производните сектори и одржливата инфраструктура, како неопходен придонес за да се дефинира заедничката иднина на регионот во ЕУ за просперитет на граѓаните и компаниите, кои се залагаат да ги уживаат истите слободи како компаниите и граѓаните во Европската унија.

Лидерите на земјите од Западен Балкан денеска ја потпишаа и Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан која има за цел да оствари јаглеродно неутрален континент до 2050 година, заедно со ЕУ, преку воведување во главните текови на строги климатски политики и преку преземање реформи на енергетскиот и транспортниот сектор.

Декларацијата на која се обврзаа лидерите од регионот предвидува и деполуција на воздухот, водата и почвата во Западниот Балкан како заеднички интерес и на земјите од регионот и на ЕУ.

Оваа декларација го опфаќа и земјоделието за имплементирање на политики за минимизирање на неговото негативно влијание врз животната средина и врз климата, како и за обезбедување на здрава храна по пристапни цени за граѓаните од земјите на Западниот Балкан и извозните пазари.

Со оваа декларација земјите од Западен Балкан ги прифаќаат и европските политики за долгорочна стратегија за запирање на губењето на биодиверзитетот, заштита и обновување на еко-системите и биолошки диверзитет за што се предлагаат серија активности.

Учесниците на лидерскиот Самит на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес денеска во Софија во завршницата на настанот го усвоија документот „Заклучоци на ко-домаќините“ кој се усвојува после секој Самит од овој процес во кој, меѓу другото, на Република Северна Македонија и на Република Бугарија им оддадено високо признание на спроведувањето и организацијата на сите настани во текот на оваа година во која за прв пат со процесот управуваа две земји, една членка на ЕУ и една земја кандидат за членство.

Во прифатените „Заклучоци на ко-домаќините“ сите лидери на Самитот, земјите од Западен Балкан и нивните партнери од ЕУ, се согласија дека идејата за заедничко домаќинство, која за прв пат е применета во рамките на Берлинскиот процес претставува јасен сигнал за зајакнатата регионална сопственост на процесот и дополнително ги зајакнува напорите насочени за политичка и социо-економска конвергенција и кохезија на земјите од регионот и на регионот во целина со ЕУ.

Потпишувањето на Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ, и Декларацијата за зелената агенда, го поздравија премиерот Борисов и канцеларката Меркел.