Дури 59% од испитаните германски инвеститори во земјава ја оценуваат работата на Владата како лоша, 63% сметаат дека актуелната економска состојба во земјава е лоша, 69% повторно би инвестирале во земјава, а како најголем ризик за развојот на нивните компании гледаат во недостигот на стручна работна сила.
Ова се дел од резултатите од редовната годишна анкета која ја спроведува Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија во која германските инвеститори ја оценуваат земјава како дестинација за инвестирање.
Прашани за задоволството од деловните услови, германските инвеститори најлошо ја оцениле борбата против корупцијата, политичката и социјалната безбедност, јавната администрација, правната безбедност и предвидливоста на економската политика.
Најдобри оценки, пак, дале за продуктивноста и подготвеноста на работната сила, трошоците на трудот, квалификација на вработените и високото образование.
Актуелната деловна состојба во сопствените компании, испитаните германски инвеститори ја оценуваат со полоша оценка во споредба со изминатите години. Само 8% од испитаниците ја сметаат сопствената деловна состојба како добра (2019: 29%), а 53% од испитаниците како задоволителна (2019: 61%).
Очекувањата кои ги имаат стопанствениците во однос на извозот се исто така полоши во споредба со 2019 година. Само 34% од нив претпоставуваат дека извозот на нивните добра и услуги ќе се развие подобро во споредба со претходните години (2019: 51%). 40% од испитаниците не очекуваат никакви промени во однос на извозот оваа година, додека 26% од нив претпоставуваат дека ќе имаат намалување на извозот на нивните производи и услуги.
И покрај тоа што економската состојба во земјата ја оценуваат како полоша, 69% од испитаните германски инвеститори одговориле дека повторно би инвестирале во земјава, што е најнизок процент од 2012 година. 31% одговориле дека не би ја избрале повторно Македонија како дестинација за инвестирање, што е највисок процент во 2021 година досега.
“Од 2006 година редовно се спроведува анкетата со која се оценува Северна Македонија како дестинација за инвестирање. На овој начин ги осознаваме актуелностите кои се однесуваат на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Германија, како и очекувањата на компаниите во однос на понатамошниот развој. Резултатите од овогодишната анкета се значаен показател на состојбите и очекувањата на компаниите во Северна Македонија”, вели Патрик Мартенс, директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Според Мартенс, резултатите од анкетата, која е спроведена од почетокот на март до 14 април, не биле премногу изненадувачки, пред се заради загриженоста поради последиците кои ги предизвика пандемијата врз македонското стопанство.
“Како Директор на Делегацијата на германското стопанство, во соработка со германската амбасада во Скопје ќе продолжиме да водиме дијалог со македонската Влада за подобрување на овие рамковни услови во земјата. Скоро 70% од инвеститорите кои веќе инвестирале, повторно би го сториле истото во Северна Македонија. Ова е солидна основа од која може понатаму да се развиваат Германско-Македонските стопански односи”, вели Мартенс.
Целосните резултати од анкетата за деловната клима во Северна Македонија можете да ги најдете овде.
Во земјава работат над 200 компании со германски капитал во кои се вработени над 20.000 работници. Трговската размена помеѓу Македонија и Германија во 2020 година достигна 3,8 милијарди евра, додека дури 47% од вкупниот извоз на државата бил врзан со германската економија.