Вкупниот увоз на јаболка на светско ниво во изминатата 2020 година достигна вредност од 7,5 милијарди долари, што е намалување за само 0,7% во споредба со претходната 2019 година.
Топ 5 најголеми увозници на свежи јаболка во светот се Германија, Русија, Велика Британија, Индонезија и Египет. Вкупно, овие топ 5 најголеми пазари купиле 29,3% од сите јаболка увезени во текот на 2020 година.
Европските земји потрошиле најмногу на увезени јаболка во текот на 2020 година со набавки во вредност од 3,1 милијарди долари или 41,3% од глобалниот вкупен увоз. На второ место се азиските земју со 38,7% од вкупниот увоз, додека 6,8% од јаболката увезени ширум светот им биле доставени на купувачите во Африка. Уште 6,7% во вредност пристигнале во Северна Америка.
Македонија, генерално, потрошувачката на јаболка ја задоволува со домашно производство и не е на листата 100 најголеми увозници.
Според последните податоци, Македонија со извоз на јаболка вреден 29,5 милиони долари во 2020 година е 26 најголем извозник во светот.
Податоците покажуваат дека дури 20 милиони долари од овој извоз минатата година отишол во Русија, што е зголемување за 58% во споредба со претходната година.
Податоците на Worldtopexports покажуваат дека Македонија е осми по големина извозник на јаболка на рускиот пазар. Најголем пазар од каде Русија се снабдува е Молдова, од каде лани биле увезени јаболка во вредност од 127,6 милиони долари. На второ место е Србија од каде Русија лани увезла јаболки во вредност од 117 милиони долари.
Снабдувачи на јаболка во Русија со најбрз раст во споредба од 2019 година биле: Турција со извоз од 34,8 милиони $ (пораст од 358,5%), Бразил со извоз од 18,8 милиони долари (пораст од 230,6%), Јужна Африка со извоз од 42,1 милион долари (пораст од 196,3%) и Нов Зеланд со извоз вреден 21,8 милиони $ (пораст од 127,5%).
Што се однесува на најголемиот пазар за јаболка Германија, ниту Србија, ниту Македонија не се наоѓаат на листата 15 најголеми увозни пазар во 2020 година. Германија лани најмногу се снабдувала со јаболка од Италија (276 милиони $), Франција (66,8 милиони $), Холандија (64,7 милиони $), Чиле (63,9 милиони $) и Нов Зеланд (57,9 милиони $).