Последиците од војниот конфликт помеѓу Русија и Украина ќе ги почувствува и македонската економија, како индиректно преку поскапување на цените на многу суровини, метали и енергенси, така и директно преку пречки и намалување на трговската размена.
Од Finance Think сметаат дека во поглед на директните економски последици, С.Македонија е изложена на ограничени и главно незнајачни економски ризици поради ниската трговска поврзаност со Русија и Украина, како и опаѓачките тенденции на странските директни инвестиции од Русија во последните неколку години.
Статистичките податоци покажуваат дека учеството на увозот и извозот со Украина и Русија во вкупниот увоз и извоз на Северна Македонија е во континуиран пад од 7.1% во 2000 година до 2.2% во 2013, за потоа да падне под 2%, а во 2019 година изнесува 1.8%.
“Структурно, најголем дел од увозот од Украина вклучува увоз на метали (преку 80%), додека извозот кон Украина се состои главно од хемиски материјали и електронска опрема (преку 60%). Дополнително, странските директни инвестиции од Русија бележат опаѓачки тренд и акумулираните СДИ како удел во БДП изнесуваат 30.3% во 2020 година (пад од 9.4% во таа година). Според ова, санкциите кон Русија, кон кои потенцијално ќе се придружи и Северна Македонија, ќе имаат лимитиран ефект врз македонската економија”, сметаат од Finance Think.
Според нив, многу поважен е индиректниот ефект од руско-украинскиот конфликт врз македонската економија.
На денот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022, светските финансиски пазари реагираа бурно, светските берзи забележаа пад, а цените на многу суровини се зголемија, како енергенси, метали и житарки, кои се поврзани со Русија и Украина.
Цените на нафтата скокнаа 105 долари, а цената на гасот во Европа во четвртокот, само неколку часа по руската инвазија врз Украина порасна за 62%, што е највисок скок од 2005 година. Тоа со сигурност ќе се одрази врз Европа, која над 30% од потребниот гас го увезува од Русија.
“Зголемувањето на цената на гасот, од кој европската економија е се` уште зависна во голема мера, ќе се одрази првенствено врз цените на сите други енергенси, вклучително и електричната енергија, која веќе беше под ценовен притисок поради недоволното производство од обновливи извори во текот на 2021 година”, велат од Finance Think.
Исто така, Русија е извозник на повеќе метали (никел, алуминиум, паладиум, платина и др.), нарушувањето на снабдувањето се одразува врз нивните цени, што се надоврзува на проблемот со отежнатите синџири на снабдување како последница на ребалансирањето по пандемијата. Паладиумот се користи за производство на катализатори за автомобили, а Џонсон Мети е еден од најголемите производители во светот.
Графиконот покажува колкаво е учеството на извозот на Русија во светското производство.
Русија и Украина се извозници на житарици и сврзани добра, чии цени веќе беа под нагорен притисок. Русија и Украина учествуваат со 29% од глобалниот извоз на пченица, 19% од светскиот извоз на пченка (пченка) и 80% од светскиот извоз на сончогледово масло. Врз цените на храната, преносните ефекти веќе во одредена мера постоеја и поради порастот на цените на енергенсите.
“Краткорочниот економски ефект којшто индиректно е важен за Северна Македонија се притисоците врз цените кај споменатите производни групи, кои ќе постојат и со веројатност да се интензивираат. Пошироките индиректни економски ефекти од новонастанатата ситуација зависат од интензитетот, обемот и траењето на нападот врз и воените дејства во Украина, како и од обемот и интензитетот на наметнатите санкции врз Русија од останатите меѓународни чинители. Сето тоа врши надолен и значаен притисок врз изгледите за растот на европскиот континент, но и глобално. Северна Македонија е високо-зависна од европската економија, поради што падот на надворешната побарувачка неповолно ќе се одрази врз забавување на растот на БДП, а во услови на нагорни притисоци врз цените. Воено-тензичната ситуација ќе предизвика воздржаност на кредитните пазари и воздржаност од инвестициски потфати, што дополнително негативно ќе се одрази врз растот на европските економии”, велат од Finance Think.
Од Finance Think посочуваат дека е неопходно будно следење на развојот на настаните и постојана пре-оценка на потенцијалните ефекти врз нашата економија, но дека во моментов на економски план не се потребни конкретни мерки или потези од домашните власти.
“Во случај на поинтензивно прелевање на негативните економски последици врз нашата економија, економските власти ќе треба да реагираат со мерки, слично како при првичната реакција на ударот од пандемијата во март-април 2020, но нивниот обем и таргетирање ќе зависи од тековните случувања кои може да се менуваат од минута во минута, како и од постојниот фискален простор кој денес е значајно потесен во однос на 2020 година”, сметаат од Finance Think.