Македонската економија се уште силно ги чувствува негативните ефекти од пандемијата на корона вирусот, а најдобар показател за тоа е производството во индустријата, кое според статистичките податоци е се уште под нивото од пред да започне пандемијата.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека производството во македонската индустрија во февруари е за 12,2% пониско во споредба со февруари минатата 2020 година.
Во февруари минатата година практично се уште не беше прогласена пандемијата, што значи дека падот во февруари годинава значи дека македонската економија се уште силно ги чувствува последиците од пандемијата, а производството во голем број на индустриски гранки е помало во споредба со истиот период лани.
Најголем пад има кај секторот рударство и вадење камен, од дури 28,9%, кај преработувачката индустрија падот на производството е 11,2%, додека кај секторот снабдување со електрична енергија падот на производството е 2,2%.
Во рамки на преработувачката индустрија, којашто во вкупното индустриско производство на државава учествува со близу 80%, речиси сите позначајни гранки , освен оние во кои се доминантни странските компании од зоните, бележат двоцифрен пад на производството.
Најголем пад во февруари годинава има кај производството на тутунски производи од дури 52,5%. Производството на фабрикувани метални производи е помало за 44,7%, во споредба со лани, додека во индустријата за кожа и кожни производи производството во февруари е помало за дури 49,3% во споредба со ланскиот фавруари.
Производството на облека е намалено за 29,8%, додека во текстилната индустрија производството во февруари годинава било помало за 18,9% во споредба со производството во февруари минатата 2020 година.
Кај производството на моторни возила, приколки и полуприколки, гранка којашто има удел од 11,6% во вкупната индустрија, производството во февруари е помало за 18,2% во споредба со истиот месец лани.
Производството на прехранбени производи, пак, коешто има удел од 10,3% во вкупното индустриско производство, има најмал пад во февруари од 3,9%, додека произвдството на пијалоци е помало за 4,1%.
Производството е помало и кај производството на метали за 8,8%, а намалување од 10,4% има и кај производството на фармацевтскки производи.
Една од ретките индустрии која има зголемување на производството е индустријата за хемиски производи, во која е вклучено производството на Џонсон Мети, најголемиот иозвозник од земјава, чие производство во февруари е поголемо за дури 66,3%.
Производство на машини и уреди, каде исто така доминираат странските инвеститори главно од автомобилската индустрија, во февруари е поголемо за 11% во споредба со минатата година.
Ако се изземат овие две индустрии, падот на производството во македонската индустрија би бил уште поголем во споредба со нивоата од февруари пред пандемијата во 2020 година. Тоа покажува дека индустријата се уште силно ги чувствува шоковите кои ги предизвика пандемијата на корона вирус.