Македонскиот ајвар се чини дека е отпорен на пандемијата на коронавирус. Компаниите во земјава кои произведуваат преработки од овошје и зеленчук минатата 2020 година извезле ајвар на странските пазари за 29,2 милиони евра, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Тоа е за 6,5 милиони повеќе во споредба со претходната 2019 година, или годишен раст од 29%.

Извозот на ајвар во изминатите години бележи постојан раст. Во споредба со 2013 година, кога извозот на ајвар од Македонија изнесувал 12,5 милиони, извозот на ајвар е повеќе од двојно зголемен, односно во последните осум години има раст од 133%.

Податоците покажуваат дека од вкупниот извоз на преработки од овошје и зеленчук кој минатата 2020 година надмина 62 милиони евра, речиси половина или 29,2 милиони евра отпаѓа на извозот на ајвар.

Но, сепак, и покрај континуираниот раст на извозот на ајвар, благодарение пред се на напорите на конзервните компании од преработувачката индустрија за наоѓање на нови пазари и успешно вклучување во големите трговски синџири, вредноста на вкупниот извоз на ајвар е се уште многу мала во апсолутен износ.

Производителите на ајвар велат дека потенцијалите за извоз на ајвар и други преработки од овошје и зеленчук се многу поголеми, но за жал оптовареноста на оваа индустрија со многу нелогични бариери и проблеми, го оневозможува поголемиот раст на овие компании.

Она што е најважно што се чини кај извозот на ајварот и преработките од овошје и зеленчук е што станува збор со извоз со голема нето додадена вредност, кај кој има многу мала увозна компонента.

Меѓу најголемите извозници од оваа индустрија се Тргопродукт, кој го произведува ајварот под брендот Мамас, потоа Випро, пионерот во производството и извоз на ајвар, Дием, Вори и уште многу други.
Според податоците од Централниот регистар минатата 2020 година во оваа дејност работеле 220 субјекти.

Кои се најголеми пазари за македонскиот ајвар?

Најмногу ајвар лани е продаден во земјите од поранешна Југославија, Германија, како и во земјите со голема македонска дијаспора како Австралија и САД.

Најголем извозен пазар за македонскиот ајвар лани била Србија каде е реализиран извоз од 5,6 милиони евра.

Втор најголем пазар била Германија, кај извозот минатата година достогна близу 3,8 милиони евра.

Следува Хрватска со извоз од 3,76 милиони евра, САД со извоз од 2,1 милион евра, БиХ со извоз од 1,98 милиони евра, Австралија со извоз од 1,7 милиони евра, Швајцарија со извоз од 1,66 милиони евра, Шведска со извоз од 1,2 милиони евра, Косово со извоз од 1,1 милион евра и Канада со 1 милион евра.

>> ПОВРЗАНИ ВЕСТИ <<