Во септември годинава македонските компании извезле стоки во вредност од 564,4 милиони евра, што е за 3,8% помалку во споредба со извозот во октомври минатата 2020 година. Увозот на стоки во октомври изнесувал 721 милион евра и е за 6,7 % поголем во споредба со истиот месец лани.
Ова е прв пад на извозот во последните 14 месеци.
Но, ако се гледа извозот за периодот од јануари до септември годинава, тој е за 26,4% повисок од лани, додека увозот е за 30,5% повисок во споредба со истиот период минатата година.
Според податоците од Државниот завод за статистика извозот на стоки во првите девет месеци годинава изнесувал 5,1 милијарда евра и вредносно бележи раст од 26,4%. Но, ако се гледа количински, извозот во првите девет месеци годинава бележи раст за 10,9%. Повисокиот раст на вредноста на извозот е одраз на високиот раст на цените во изминатата година, што номинално ја зголемува и вредноста на извозот.
Поголемиот раст на увозот го зголеми трговскиот дефицит во размената на македонската економија со странство и тој во првите девет месеци годинава достигна 1,8 милијарди евра. Трговскиот дефицит за деветте месеци годинава е поголем за 560 милиони евра или за дури 43,6% во споредба со истиот период лани, кога изнесувал 1,28 милијарди евра.
Минатата година извозот имаше голем пад заради пандемијата, особено во месеците април и мај, додека за осумте месеци во 2020 година извозот забележа годишен пад од 15,2%.
Од вкупниот извоз во првите девет месеци годинава, дури 78,1% или 4 милијарди евра биле насочени кон Европската унија. Извозот во ЕУ во овој период бележи раст од 28,3%. Извозот кон останатите неевропски држави во првите девет месеци годинава е зголемен за 20% и изнесувал 1,1 милијарди евра.
Во најголемиот трговски партнер Германија во периодот јануари-септември годинава биле извезени стоки во вредност од 2,44 милијарди евра или 47,7% од вкупниот извоз на државата. Извозот во Германија во овој период бележи раст од 31,5% во споредба со извозот во истиот период минатата 2020 година.
Дури една третина или 31,5% од вкупниот извоз од земјава во овој период отпаѓа на машини и транспортни уреди, чиј извоз достигна над 1,61 милијарда евра, што е раст од 27% во споредба со истиот период лани.
Машините и транспортните уреди кои главно се произведуваат во слободните економски зони се тесно интегрирани со европската, посебно со германската автомобилска индустрија, која бележи големо забавување и пад на продажбите, што се одразува и врз намалените нарачки за компаниите производители на авто делови кои работат во земјава.
Втор најголем извоз во периодот јануари –септември е извозот на хемиски производи, чија вредност достигна 1,37 милијарди евра, што е раст за 44,7% во споредба со истиот период лани.
Извозот на храна во првите девет месеци изнесува 285 милиони евра и бележи годишен раст од 8%. Раст на извозот има во сите сектори, освен кај извозот на пијалоци и тутун, кој во истиот период бележи пад од 4,9%.