Извозот на информациски и компјутерски услуги од Македонија минатата година достигна 188,95 милиони евра, што е раст за 17,2% или за 27,7 милиони евра во споредба со извозот остварен во претходната 2018 година.
Најголем дел од овој извоз или 179,5 милиони евра отпаѓа на извоз на компјутерски услуги, а помал дел од окоу 9,44 милиони евра отпаѓа на извоз на информациски услуги.
Извозот на информатички и компјуертски услуги бележи висок раст во изминатите неколку години. Така во споредба со пред пет години извозот на компјутерски и информациски услуги од земјава е зголемен за 150%. Или извозот лани бил поголем за 113 милиони евра во споредба со извозот остварен во 2015 година.
Познавачите на состојбите во овој сектор велат дека кај извозот на компјутерски услуги значителен е уделот на аутосорсинг индустријата или т.н “лон производство” на софтвер. Станува збор за субконтракторски договор со кои македонски ИТ фирми се агажирани како подизведувачи од страна на странски фирми за програмирање за доработка на одредени кодови.
Многу е помал делот на извозот на софтверски производи дизајнирани од македонски ИТ компании, но и тој дел бавно, но стабилно расте.
Потенцијалите за извоз од ИКТ индустријата се многу поголеми, посебно ако индустријата ја добие потребната системска поддршка од државата.
Во изминатите неколку децении ИТ индустријата беше запоставена од државата во креирањето на сите економски политики, иако на пример извозот на информатички и компјутерски услуги е поголем отколку извозот на зеленчук и овошје кој лани изнесувал 175 милиони евра или, на пример, извозот на тутун во вредност од 143 милиони евра,извозот на вино и пијалоци од над 75 милиони евра…
Иако се ветуваа даночни олеснувања за поттикнување на извозот на софтвер и ИКТ услуги по примерот на други земји кои на овој начин успешно обезбедиле развој на оваа индустрија, тие се уште не се реалност.
На пример, СДСМ уште во 2016 година во изборната програма го имаше дадено ветувањето за намалување на данокот на добивка од 10% на 3% за ИКТ индустријата, но тоа досега се уште не е реализирано.
Извозот на ИК услуги од Македонија е се уште многу мал во споредба со на пример извозот од Србија и Хрватска, кои од извоз на информатички и компјутерски услуги остваруваат девизни приливи од над 1 милијарда евра годишно.