Новата декада, извршните директори ја започнуваат со изразен песимизам за глобалната економија, при што 53% од нив во 2020 година предвидуваат пад на стапката на економски раст.
Ова е највисокото ниво на песимизам откако се започнати анализите околу ова прашање во 2012 година. За разлика од тоа, бројот на извршни директори што предвидуваа пораст на стапката на економски раст се намали од 42% во 2019 година на само 22% во 2020 година.
Ова се некои од клучните наоди од 23-тото по ред Истражување на PwC, во која беа вклучени скоро 1.600 извршни директори од 83 земји од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, а кои вчера беа презентирани и во Стопанската комора на Македонија.
Резултатите од истражувањето во Република С.Македонија покажуваат поинаков тренд во однос на вербата во економскиот раст. Додека само 22% од директорите на глобално ниво сметаат дека економскиот раст ќе се зголеми, дури 40% од директорите во С.Македонија веруваат во истото. Овие позитивни видувања се гледаат и понатаму во резултатите, каде само 26% од директорите во С. Македонија сметаат дека глобалниот економски раст ќе трпи опаѓање, за сметка на 53% од нивните колеги на глобално ниво.
Дури 81% од македонските директори одговориле дека очекуваат дека приходите на нивните компании ќе растат во следните 12 месеци, а 73% очекуваат приходите да растат во следните 3 години.
На прашањето кои активности ги планираат воследните 12 месеци со цел раст на приходите 72% одговориле дека планираат оперативна ефикансост, 67% одговориле дека планираат да лансираат нов производ или услуга, 28% одговориле дека планираат влез на нови пазари.
Дури 49% од анкетираните македонски директор одговориле дека очекуваат бројот на вработените да се зголеми в следните 12 месеци, 40% одговориле дека ќе остане исто, а 12% одговориле дека ќе се намали.
Дури 33% од македонските директори одговориле дека Србија е најважен пазар за растот на ивните приходи, 30% одговориле дека тоа е Косово, а 21 % ја посочиле Албанија како најважен пазар.
Најголема загриженост на македонските директори им создаваат достапноста на клучни вештини, зголемените даночни обврски, даночната несигурност и несигурноста на политиките, а најмалку се загрижени за сајбер заканите.
Во истражувањето беа опфатени повеќе индустрии и тоа: автомобилската, металната, ИТ-секторот, финансиски институции, секторот енергетика и нафта, како и малопродажбата.
За истражувањето свое мислење дадоа 43 извршни директори од домашни компании на прашања поврзани за: економскиот раст и нивни очекувања, ставови во однос на вработувањата и развојот на вработените, за степенот на дигиталното унапредување и кои се предизвиците со кои се соочуваат во оваа сфера и очекувањето за иднина – што може да нè очекува?
На презентацијата во Комората се одржа и панел-дискусија на која учесвуваа и дел извршните директори од спроведеното истражување, межу кои Ралица Губерова, „Евроинс Осигурување“, Петар Јанески, „Макстил“, Георги Тренкоски, „Теламон Европа“ и Радош Вукиќевиќ, Винарска визба „Тиквеш“.
Генерален заклучок на сите панелисти е дека во Македонија треба да се обезбеди стабилна политичка и бизнис клима, да постои национална бизнис стратегија која би ја следеле и компаниите и воедно би се чувствувале посигурни и покомотни во спроведување на своите идни стратегии во преземање на ризици за нови проекти, нови инвестиции и вработувања, освојување на нови и задржување на постојните пазари, подобрување на воспитно-образовниот систем и инфраструктурата во државата со цел зголемување на економскиот раст и развој на земјата.
Подетално за истражувањето на PWC и одговорите на македонските диркетори можете да погеднете на следниот линк.