Компанијата Макстил информираше дека во првите девет месеци остварила приходи од продажба од 48,5 милиони евра, што е пад од 25% во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од финансиските извештаи на компанијата објавени на Македонската берза.
Близу 79% од приходите од продажба на Макстил во првите три квартали се остварени од извоз, односно продажба на странски пазари, кои се намалени за 30% и изнесувале 38 милиони евра.
Приходите од продажба на домашниот пазар, пак, изнесувале 10,3 милиони евра и се намалени за 2%.
Од извештаите може да се види дека производителот на топловалани лимови Макстил во првите девет месеци годинава ги намалил оперативните расходи за 38%, главно заради помалите трошоци за суровини и материјали.
Компанијата информира дека во периодот јануари-септември годинава работела со оперативна добивка од околу 1,3 милион евра, што е за 54% повисока од истиот период лани.
Но, нето добивката на компанијата во истиот период, пред се заради намалените финансиски расходи, како и поголемите финансиски приходи, изнесувала околу 836 илјади евра, која е неколкукратно подобра во споредба со добивката од околу 41 илјада евра во истиот период лани.
Од Макстил велат дека глобалната криза врзана со појавата на пандемијата компанијата ја чувствува во тековното работење и во третиот квартал од годинава.
“Нашите очекувања за четвртиот квартал се умерено оптимистички и се во директна зависност од развојот и движењата во големите европски економии како што се Германија и Италија меѓу другите. Имено, согласно планот, производниот погон Челичарница во третиот квартал работи со намален капацитет, а ова ниво на работа се очекува да се задржи и во текот на четвртиот квартал. Во делот на Челичарница компанијата има и поголема флексибилност, благодарение на претходно извршената набавка на слабови од увоз. Работата на производниот погон Валавница воглавно е условена од нарачките на купувачите, каде нашите очекувања се изразуваат со умерен оптимизам, заради постепеното опоравување на светската економија, а особено поради реактивирањето на инвестициските проекти и зголемената јавна потрошувачка на пазарите каде што Макстил ги пласира своите готови производи”, велат од Макстил.