Производителот на топловалани лимови Макстил објави дека во првата половина годинава работел со приходи од продажба од 47,7 милиони евра, што е за 34% во споредба со истиот период лани/

Неревидираните финансиските извештаи на компанијата објавени на Македонската берза покажуваат дека дури 90% од приходите од продажба се остварени од извоз, односно продажба на странски пазари, кои се поголеми за 54% во споредба со истиот период од 2020 година, достигнувајќи 43 милиони евра.
Приходите од продажба на домашниот пазар, пак, изнесувале само 4,7 милиони евра и се помали за 39% во споредба со првата половина минатата година.

Од извештаите може да се види дека оперативните расходи на Макстил во првите шест месеци годинава се зголемени за 60%, пред се заради големиот раст на трошоците за суровини и материјали.

Компанијата информира дека во периодот јануари-јуни годинава работела со оперативна добивка од околу 4,9 милиони евра, што е четирикратно поголема во споредба со добивката од 1,1 милион евра во првата половина од 2020 година.

Останатите деловни приходи на компанијата во првото полугодие на оваа година изнесувале 30,2 милиони денари, споредено со истиот период од минатата година кога изнесувале 22,8 милиони денари, што воглавно се должи на наплатена штета од осигурување на основни средства.

Од Макстил велат дека во текот на првото полугодие од годинава почнале полека да се чувствуваат знаци на закрепнување на глобалната економската активност.

“Глобалната челична индустрија не се очекува да претрпи драстични падови пред сè благодарение на опоравувањето на кинеската челична индустрија, додека во останатиот дел од светот побарувачката на челични производи бележи пад. Под влијание на меѓународните барања за намлување на јаглеродната емисија и најавата за воведување на данок на јаглерод во Европа, предвидувањата се дека во иднина цените на челичните производи ќе продолжат да бележат зголемување. Зголемената побарувачка, транзицијата кон позелени извори на енергија, како и порастот на цените на влезните материјали се трите основни фактори кои ќе влијаат на движењето и порастот на цените на челикот во наредниот период”, велат од Макстил.

Од компанијата потенцираат дека заживувањето на светската економска активност, а особено повторното активирање на инвестициските проекти од страна на нивните деловни партнери на западноевропските пазари и на турскиот пазар придонеле за пораст на побарувачката за нивните производи, внесле одредена доза на оптимизам.
“Благодарение на новиот начин на организација на работењето, како во делот на безбедноста, така и во делот на набавките на потребните влезни материјали уште на самиот почеток на кризата, успеавме да го неутрализираме порастот на цените на суровините и енергенсите, кои неминовно влијаат на зголемувањето на трошоците на работењето. Меѓутоа, со  добра организација и координација на сите служби успеавме да ги исполниме договорните обврски”, велат од Макстил.

Оствареното производство на дебели лимови во Макстил во првото полугодие на 2021 во производниот погон Валавница изнесува 126.193 тони, што споредено со 115.465 тони во истиот период на 2020 претставува зголемување од 9,3%, додека во однос на поставениот производен план за првото полугодие од годинава (130.297 тони) претставува намалување од 3,1%. Оствареното производство на сопствен челичен полуфабрикат, челичански слабови во извештајниот период е 149.593 тони што споредено со 73.646 тони во 2020 година претставува двојно зголемување, додека во однос на планираното производство за годината (148.700 тони) претставува зголемување од 0,6%.

Реализацијата  на топловаланите дебели лимови во количински показатели за првите шест месеци од годинава изнесува 139.951 тони, што споредено со 122.747 тони првото полугодие од минатата година претставува зголемување од 14 %.