ИНТЕРВЈУ

Марија Дуковска-Павловска, генерален директор на Макстил и член на Собранието на

Стопансканата комора

-Челичната индустрија во земјава и регионот се соочува со многу предизвици во изминативе неколку години…Резултатите од минатата година покажуваат дека Макстил прилично добро се справува во овој кризен период. Во какви услови работи Макстил и челичната индустрија, какви се резултатите за производството и извозот за годинава и какви се проценките за следниот период?

Дуковска-Павловска: Челичната индустрија на глобално ниво веќе подолго време се справува со бројни предизвици, додека истовремено, Европската Унија, каде што Макстил воглавно ги пласира своите готови производи се наоѓа во критичен момент, е притисната и обврзана да ги постигне целите за декарбонизација, циркуларност и самостојно долгорочно да се развива, процеси во кои челикот има клучна улога. Оттука, поддршката на европскиот зелен челик станува клучна за поттикнување на користењето на обновливите извори на енергија, водородот и чистата технологија на овој, за нас, многу значаен пазар.
Производството во Европа бележи постојан надолен тренд, бидејќи голем дел од железарниците во Европа немаат сопствено производство на челик, туку користат увезени слабови. Од друга страна, по кризата со Ковид 19 и енергетската криза во 2022 година, заради заживување на производството, Европската унија стимулираше јавни проекти во сферата на енергетиката, инфраструктурата и преработувачката индустрија што предизвика зголемена побарувачка, пред сѐ за топловалани лимови. Од почетокот на војната во Украина основен проблем е обезбедувањето на слабови, бидејќи челичарниците од Русија и Украина беа основни снабдувачи на европските железарници.

Секако дека глобалните и регионалните случувања имаат рефлексија на секојдневното деловно функционирање на Макстил. Сепак, ние како компанија во текот на минатата година под влијание на глобалните трендови успеавме во текот на целата година навремено да ги координираме и менаџираме деловните активности, со што успешно ја заокруживме тешката и неизвесна 2022 година, благодарение на одличното ползување на пазарна позиција како во регионот, така и на пазарите во Турција и Европската Унија.

Од почетокот на 2023 година глобалниот економски развој во текот на трите квартали почна да бележи подобрување, но истиот и понатаму останува кревок. Намалените цени на енергенсите придонесуваат кон намалување на инфлацијата и кон релаксирање на оптоварувањата на буџетите на домаќинствата, додека, пак, деловното и потрошувачкото расположение почна да се зголемува и да влијае на зголемувањето на глобалната активност.

Производството на слабови и лимови на Макстил во текот на деветте месеци годинава се движи на линија на минатогодишното производство. За наредната 2024 година нашите очекувања се потребите за топловалани лимови да го задржат достигнатото ниво од оваа година, снабдувањето со старо железо да бележи релативно стабилен тек, не се очекува значителен пораст на цените на старото железо, електричната енергија и природниот гас. Овие текови ја одредуваат пазарната позиција на Макстил како поволна. Единствен проблем е обезбедувањето на челичниот полуфабрикат, што би значело дека Валавница ќе треба да се базира на производството во нашата Челичарница. Очекувањата околу пласманот на нашиот готов производ се на линија на нивото од минатата година и тоа пред сѐ во бродоградбата, енергетските гранки и преработувачката индустрија, а како основни пазари остануваат Италија, Турција, средноевропските земји (Чешка, Полска, Словачка и Романија) и земјите на ЦЕФТА (Србија и БиХ). Цените на лимовите би требало да бележат благ пораст. Во регионот најголем потрошувач на нашите лимови е речната бродоградба, а се зголемуваат и количините за јавни проекти.
Како ограничувачки фактори би ги издвоиле предизвиците во делот на транспортот и логистиката, а особено железничкиот транспорт каде се очекува влез на приватен оператор и потребата за обезбедувањето на соодветна работна сила. Исто така, би го издвоиле и проблемот со легислативата во однос на третманот на старото железо, согласно која, заради нашата неусогласеност со европската регулатива старото железо сѐ уште се третира како отпад, а не како суровина.

-Челичната индустрија се наоѓа во многу критичен период имајќи ги во предвид целите на ЕУ за декарбонизацијата и циркуларност. Од октомври 2023 година стартува првата фаза за прекуграничен јаглероден данок CBAM. Какви конкретни промени носи CBAM за  Макстил и челичната индустрија во земјава? Какви промени треба да направат компаниите во своето работење ако сакаат да продолжат да извезуваат во ЕУ, колку тие ќе чинат, дали и како ќе се одрази врз извозот?

Дуковска-Павловска: На предлог на Европската комисија во мај годинава беше усвоена регулативата за воспоставување на „Прекуграничен механизам за прилагодување на јаглеродни емисии“ (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), чија основна цел е спречување на  протекување на јаглеродните емисии т.н. (carbon leakage). Во нашата држава имплементацијата на новата регулатива на ЕУ ќе отпочне веќе на почетокот на наредната 2024 година. Во Макстил веќе се подгготвуваме и ги воведуваме потребните методи и начини за мерење на јаглеродниот отпечаток. Воведувањето на овој прекуграничен механизам на јаглеродни емисии за Макстил како компанија од областа на челичната индустрија очекуваме да изврши влијание врз цената на финалниот производ и дополнително да го обремени. Сепак, сметам дека позитивна околност е тоа што на компаниите ќе им биде даден еден транзиционен период од две години од 2024 – 2026 година, во кои сите ќе може да ги направат потребните чекори кон нивна еколошка и климатска транзиција.

Со почетокот на 2026 година, период кога и официјално компаниите ќе бидат обврзани согласно количината на јаглеродна емисија да плаќаат одреден износ на давачка за јаглеродни емисии, која во значителна мера би ја оптоварила цената на финалниот производ на компаниите, првично во петте сектори кадешто ќе се применува (енергија, метална индустрија, индустријата за ѓубрива, потоа алуминиумската и цементната индустрија). Воведувањето на оваа регулатива на некој начин би значело гаранција дека извозните компании ќе плаќаат надоместок за вградените јаглеродни емисии, кој е споредлив со надоместокот кој го плаќаат и производителите во Европската Унија согласно Емисиониот трговски систем на ЕУ.

-Процесот на зелена транзиција е прилично скап и бара големи инвестиции, посебно кога станува збор за челичната индустрија. Какви промени и инвестиции прави Макстил за да ги примени во своето работењето принципите на одржливост и циркуларност?

Дуковска-Павловска: Макстил како општествено одговорна компанија во целост ги следи и поддржува сите нови трендови за зелена транзиција. Исто така, активен чинител сме во циркуларната економија и развивме низа проекти за декарбонизација, кои во наредните пет години ќе можат да придонесат кон значително намалување на јаглеродната емисија.

Како компанија сме една од првите кои отпочнавме со целосна примена на сите начела кои се внесени во CBAM директивата, односно целосна пресметка на јаглеродните емисии согласно методологијата која е дадена во самата директива, како и нивна верификација, развој и креирање на инвестиции поврзани со поддршката на зелената агенда, кадешто преку нејзина имплементација ќе се обезбеди намалување на вкупната количина на јаглеродни емисии кои ги создава Макстил во текот на работните процеси, односно при производство на слабови и топло валани лимови.

-Како очекувате овој процес да се одрази врз челичната индустрија во регионот и светот?

Дуковска-Павловска: Процесот на декарбонизација на челичната индустрија е глобален предизвик, кој сам по себе наметнува потреба од глобално решение. Со цел остварување на целите на Парискиот договор за лимитирање на глобалното затоплување до 1,5 целзиусови степени, глобалната јаглеродна емисија треба драстично да се намали достигнувајќи нето нула емисија во 2050 година. Челичната индустрија за да се усогласи со оваа цел ќе треба јаглеродните емисии да ги намали за 90% од нивото во 2020 година за да го достигне предвиденото ниво во 2050 година. Овој податок говори дека навистина на оваа индустрија и претстои долг пат до постигнување на таргетите за климатска неутралност, пат кој бара длабока трансформација на овој многу значаен сектор. Во оваа насока, соработката помеѓу националните економии, како и помеѓу јавниот и приватниот сектор е клучна во постигнувањето на целите за климатските промени.

Секако, патот кон постигнувањето на нето нула емисии изискува сериозни трансформации, кои најверојатно ќе наметнат сериозни промени во насока на преструктуирање на челичната индустрија. Имајќи ја во предвид потребата за декарбонизација, во последниве неколку години сме сведоци на зголемен број на иницијативи, како од страна на државите, така и од индустријата, и формирање на различни типови на партнерства, кои се во насока на поддршка на овој процес на трансформација. Во таа насока има многу иницијативи коишто се направени за  поддршка на транзицијата на челичната индустрија и се смета дека тековната декада е клучна во остварувањето на целите на Парискиот договор.
Тука би потенцирала уште еднаш дека ова е сериозен процес, кој значи трансформација на челичната индустрија, инвестирање во зголемување на ефикасноста во делот на употребата на енергијата и влезните материјали, како и инвестирање во енергетски ефикасни технологии, вложување во зелена енергија, а сето ова ќе значи и зголемување на цената на челикот.

-Многу земји активно ги поддржуваат челичните и металопреработувачките индустрии во овој период на преод кон производство со помалку јаглеродни емисии. Дали Макстил и другите компании кои ќе бидат најпогодени можат да очекуваат помош од државата? Какви конкретни мерки и политики од државните и другите институции би биле ефикасни и од помош за да се задржи конкурентноста на извозот на оваа индустрија?

Дуковска-Павловска: На ниво на Европска унија, Зелениот договор претставува, на некој начин, рамка во која е утврдено постигнување на климатска неутралност до 2050 година. Самиот Договор повикува на кохерентност на европските политики кон декарбонизација, одржлив развој и поддршка на зеленото финансирање на проектите. Следејќи ги европските политики, сето ова во наши услови би значело координиран и заеднички пристап на државата и засегнатите компании во делот на креирањето на заеднички политики за циркуларноста и декарбонизацијата, кои покрај тоа што ќе донесат позитивни економски ефекти, ќе значат и намалување на импактот врз животната средина и потенцијал во делот на креирањето на зелени работни места. 

Би потенцирала дека воведувањето на конкретни политики и мерки во насока на субвенционирање на дел од големите проекти од страна на државата за Макстил како компанија која ќе биде опфатена со воведувањето на јаглеродниот надоместок од страна на Европската Унија, би значело голем позитивен чекор и знак на поддршка на целиот процес.

Со оглед на тоа што при имплементација на дел од тие проекти, од наша страна, како и од страна на останатите индустриски капацитети опфатени со новата директива, се потребни обемни инвестиции, се разбира дека нашите очекувања од државата како покровител на зелената транзиција, се дека таа би требало во значителна мера да ги поддржи компаниите со субвенции на дел од тие проекти. Оваа поддршка би можела да се оствари преку воведување на низа мерки, кои би биле развиени заеднички во тесна соработка со МЖСПП и компаниите кои ќе бидат опфатени со новиот CBAM јаглероден надоместок.

Би заклучила дека, креирањето на партнерски однос со државата е клучно во креирањето на одржлива иднина. Иницијативите од страна на државата секако ќе бидат од голема помош за индустријата, додека имплементацијата на инвестициите за декарбонизација од страна на компаниите, би овозможило намалување на јаглеродната емисија создадена од страна на индустријата и би се овозможило директно влијание врз намалување на јаглеродниот надоместок, што во крајна линија ќе влијае на зголемување на конкурентноста на македонските компании кои извезуваат на пазарите во ЕУ.

(Интервјуто е целосно објавено во најновото печатено издание ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ кое излезе во ноември 2023 г.)