Групацијата за производство на месо и преработки од месо при Стопанската комора на РСМ во неколку наврати изминатиот период најавуваше дека ќе следи поскапување на месото и месните преработки како резултат на глобалните светски движења на пазарите со прехранбени производи од каде домашните компании ги набавува суровините. Месопреработувачката индустрија не е надвор од овие текови и неминовно ваквата тенденција ќе се прелее и на домашните преработки.

Зголемувањето на цените на месото на светскиот пазар се случи пред неколку месеци и тоа во значителен процент. И покрај светскиот тренд на пораст на цените на месото, домашните производители на месо и месни преработки се уште ги немаат корегирано цените за домашниот пазар. Но ваквата состојба не може долго да се одржува, и најдоцна по Великденските празници тие ке бидат принудени да ги покачат цените. Висината на ваквото зголемување ќе зависи од неколку фактори :

1. Дали ќе има продолжување на Владината мерка за ослободување од царинска давачка на замрзнатото свинско месото а за која неколку пати апелиравме;

2. Дали во новиот пакет економски мерки ќе биде вклучена и месната индустрија или соодветно биде насочена потрошувачката на домашни производи за која исто така во изминатиот период неколку пати укажувавме, и

3. Движењето на цените на месото на светските берзи

Од овие фактори ќе зависи висината на цените, односно дали покачувањето ке биде 20%, 30% или 40%. Со цел ублажување на ваквиот пораст на најдобра можен начин за домашните потрошувачи, апелиравме Барањето за враќање на скратените количини од последната мерка на Владата за укинување на царинските давачки на замрзнато свинско месо наменето за преработка, кое домашната месна индустрија го достави пред повеке од еден месец, се донесе што е можно поскоро.

Некои од производителите – членови на Групацијата веке настапуваат со нови, зголемени цени. Моменталната релативна стабилност цениме дека се должи пред се на:

– задоцнетите мерки на надлежните за поттикнување на домашната потрошувачка, а со тоа и слабата домашна куповна моќ;

– соодветните претходно обезбедени залихи на дел од производителите кои веќе се при крај,

– моменталниот вишок на домашно свинско месо, а кој месната индустрија го прифати и откупи во целост и од него ги надомести потребните залихи за преработка.

Очекувањата и намерите на месопреработувачите се одржување на сегашните цени до престојните празници, а потоа неминовно ќе следи драстичен пораст на цените на свежото месо и месните преработки во висина од 20% до 40 %, во зависност од тоа дали ќе продолжи или пак изостане владината мерка, односно истата биде донесена задоцнето. Досегашните мерки носени од страна на Владата на РСМ во континуитет изминатите 3 години, дадоа резултати при што увозот на готовите сувомеснти производи се намали за 28%. Дали ке продолжи овој тренд зависи исклучиво од владините мерки кои на директен начин одлучуваат во кој правец ке оди домашната месна индустрија – развој или пак затворање, намалување на обемот на работа и отпуштање на работници.

Индустријата користејки ја оваа мерка од 2018 година наваму соодветно одговори на увозот на странски производи со намалување на увозот на готови сувомеснати производи од 13 милиони кг во 2017 на 9 милиони кг во 2020 година а дел од производителите остварија извоз во соседните земји. Истовремено, производството на свежо свинско месо во изминатата година забележа зголемување и тоа, 8,5% во однос на 2019 година, односно 28% споредено со 2017 година. Ова покажува дека мерката не влијаела на домашното свињарство кое во истиот период бележи зголемено производство, и дека взаемната соработка и партнерски однос помеѓу производителите и преработувачите гарантира просперитет на овие две индустрии.

Во случај на неприфаќање на барањето, односно неодобрување на количините, очекуваме неминовен ценовен шок кон домашните потрошувачи и драстично зголемување на цените на месните преработки, што истовремено ќе доведе до затворање на уште некој производен капацитет.