“Периодот на кризата поради Ковид-19, металната и електроиндустријата го минуваат со намалено работење, пред сѐ поради намалените нарачки, намалениот број на вработени поради превенција, карантин и сл., немање нови проекти. Падот во обемот на работењето е за 20% до 30%. Падот на производството услови и пад на извозот поради одложување на нарачките од странските партнери како резултат на падот на светската побарувачка”, вели Орце Давчев од „Брако“ ДОО – Велес и претседател на Здружението на металната и елктроиндустријата при Стопанската комора на Македонија.
Според Давчев, речиси и да не се размислува за остварување профит во компаниите во услови на пораст на фиксните трошоци поради намалениот обем на производство и раст на трошоците на фирмите поради обезбедување на специфичните здравствени услови, приспособениот начин на организирање на производството и целокупната работа на самите компании што крајно условува намалување на продуктивноста.
“Втората половина на оваа година, а сигурно и наредната, ќе бидат со исти, можеби и со полоши економски ефекти поради очекувано продолжено траење на здравствената криза. На подолг рок ќе има промени во потребите и стилот на живеењето кај населението, а тоа ќе предизвика сериозни нарушувања и прераспоредувања на стопанските активности на светско ниво”, вели Давчев.