Минатата година со најголем извоз, но и увоз на храна. Каде најмногу се продава македонската храна?

Иако Македонија важи за земја со многу вкусна храна, земјоделска земја со многу големи потенцијали за производство на земјоделски производи и храна, со години наназад е нето увозник на храна.

Иако има обработливо земјиште и поволна клима, голем дел од тоа обработливо земјоделско земјиште стои необработено. Производството на примарни земјоделски производи и покрај милионските субвенции кои државата ги исплаќаше во изминативе десетина години не забележа некое посебно зголемување, туку напротив во некои култури има и намалување на производството.

Во изминатата 2019 година Македонија извезла храна во вредност од 367,3 милиони евра, што е зголемување од околу 15% во споредба со минатата година. Во истиот период, пак, сме увезле храна во вредност од 670,7 милиони евра, речиси двојно поголем од извозот, кој, пак, лани е зголемен за 6,8%,

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека лани е остварен највисок извоз на храна во изминативе 10 години, но истовремено е остварен и највисок увоз на прехранбени производи.

Ако се анализира извозот на прехранбени производи за минатата година, тогаш најголем удел има извозот на зеленчук и овошје, кој минатата година достигна 175 милиони евра и бележи раст од 20,15% во споредба со претходната година.

Втора најголема извозна ставка се жита и преработики од жита , во која влегуваат и кондиторските производи, чиј извоз лани надминува 81,6 милиони евра, кој бележи годишен раст од 2,94%.

Голем извозен прилив од околу 75 милиони евра годишно носи и извозот на пијалоци, од кои најголем дел отпаѓа на извозот на вино. Извозот на пијалоци лани е зголемен за 14,4%.

Следи извозот на месо и преработки од месо, кои заедно лани донесел извозни приходи од 26,4 милиони евра, што е годишен пораст  3%.

Извозот на млеко и млечни производи и јајца минатата година изнесувал  23 милиони евра и е поголем за дури 41,3% во споредба со претхдната 2018 година.

Од извоз на кафе, какао и производи од какао лани сме заработиле 17,7 милиони евра, за 10% повеќе во споредба со претходната 2018 година.

Лани сме извезле риби и преработки од риби во вредност од 5,3 милиони евра, кој е поголем за речиси 35%.

Кои се најголемите пазари за македонската храна?

Ако се анализира извозот на храна од аспект на пазарите каде се извезува, тогаш заклучокот е дека македонските прехранбени производи најдобро се продаваат во земјите од регионот.

Косово е најголем извозен пазар за македонските прехранбени производи, каде лани сме оствариле извоз од 53,4 милиони евра. Втор најголем извозен пазар е Србија со извоз на храна во вредност од 50,8 милиони евра лани. Трета е Босна и Херцеговина со извоз  од скоро 27 милиони евра.

Русија лани била петти најголем пазар за македонската храна каде лани сме оствариле извоз од 23 милиони евра.