Министерот за финансии Бесими очекува заживување на економијата и извозот во 2021 година

Фото: МИА

Што побрзо враќање на патот кој ќе донесе солиден економски раст, со стапки од 4-5 %, достоинствени плати, создавање нови работни места, намалување на невработеноста.
Ова се дел од приоритетите на мандантната мисија на министерот за финансии Фатмир Бесими кој ги претстави денеска на прес-конференција, додавајќи дека тоа нема да биде лесно и дека состојбата е сериозна поради неизвесноста на здравствената криза и дека е можна корекција на првичните проекции за годинава за растот на економијата.

“Нашата задача е и што побрзо да се вратиме на патот, кој ќе донесе солиден економски раст, достоинствени плати, создавање нови работни места и намалување на невработеноста, предвидлива даночна политика и генерално, европска иднина тука, за нашите граѓани”, рече Бесими додавајќи дека на ова се обрзал пред Парламентот и кон себе лично кога прифатил да биде министер за финансии.

Бесими е уверен дека успешно ќе биде завршена неговата мисија, но оценува дека нема да биде лесно.
“Состојбата е многу сериозна особено што е голема неизвесноста поради здравствената криза. Во првата половина од годината има реален пад на економската активност од 6,4%. Согласно ребалансот кој е направен во мај приходите се скратени за 11,5 % во однос на иницијалниот буџет. Државниот долг на крајот на вториот квартал годинава изнесуваше 50,7 % од БДП. Зависно од проширувањето на здравствената криза можно е да има соодветна корекција на проектираниот економски раст во периодот што следи, но најкажно е да ги заштитиме танливите сегменти кај граѓаните и стопанството, истакна Бесими, потенцирајќи дека веќе со својот тим активно работи на мерки и политики што ќе овозможат поддршка на обновувањето на одржлив и инклузивен раст, во чии придобивки ќе уживаат што повеќе граѓани.

“Прво и најважно, до крајот на мандатот да ја вратиме економијата на солиден и одржлив раст од 4 %, што ќе создаде солидна основа за удвојување на долгорочниот просечен економски раст од 2,6 % во последните 10 години на 4 % до 5 % раст во наредниот период. По завршувањето на кризата, да овозможиме раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија, што реално ќе овозможи и пораст на минималната плата, истакна Бесими.

Toj потенцира дека интензивно се работи на четвртиот пакет мерки кој е насочен кон економско заздравување, односно зајакнување на ликвидноста и финансиската стабилност на фирмите, стимулирање на приватната потрошувачка и поттикнување на инвестиции во стопанството.
-Ќе работиме на тоа брзо да заврши негативниот тренд и да го намалиме ударот врз економијата во третиот и четвртиот квартал, а во 2021 година да имаме и позитивен раст, под услов да нема влошување на епидемиолошката состојба. Конкретно, овие мерки треба да се надоврзат на претходните и да „вбризгаат“ нова ликвидносна инјекција во стопанството. Во таа насока, се редизајнираат или подобруваат и некои од постојните мерки кои имаат потенцијал за натамошна поддршка на економското заздравување, додаде министерот за финансии.
Според него, очекувањата се дека во 2021 година, со исцрпување на неповолните ефекти од пандемијата и подобрување на искористеноста на производствените капацитети, како и очекуваниот раст на извозот во рамки на традиционалните дејности, се очекува заживување на извозната активност.
На среден рок, во услови на одредено стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на СДИ, извозот се очекува да има солиден придонес врз економскиот раст.
Бесими посочи дека за време на кризата ќе се настојува преку мерки, стапката на невработеност да не расте значајно, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот да се продолжи динамиката на намалување на стапката на невработеност по 3 процентни поени годишно.

Предвидливост во даночната политика – задржување на данокот на добивка од 10 отсто во следниот четиригодишен период, даночни бенефиции за извозниците преку нов закон за ДДВ, повластени стапки од 5 отсто за земјоделски производители и занаетчиите и подигнување на прагот за ДДВ обврзник на три милиони денари од 2022 година, најави министерот за финансии Фатмир Бесими за стопанството во својот четиригодишен мандат.

-Да гарантираме предвидливост во даночната политика, при што данокот на добивка да остане на ниво од 10 отсто во целиот период до 2024 година. Да го реконфигурираме данокот на додадена вредност преку серија мерки, започнувајќи со нов Закон за ДДВ кој ќе овозможи даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани, единствена стапка од 10 отсто ДДВ за сите ресторански услуги на што веќе интензивно работиме, ревидирање на стапките на ДДВ за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители и намалување на стапката на ДДВ за суровините за извозно ориентираните компании, намалување од 18 отсто на 5 отсто на данокот за занаетчиски услуги. Планирано е и подигнување на прагот за плаќање ДДВ од 2 на 3 милиони денари годишен промет, почнувајќи од 1 јануари 2022 година и изедначување со прагот на ослободување на данок на добивка до 3 милиони денари годишен промет, рече министерот Бесими.

Тој најави дека ќе се започне процесот на намалување на парафискалните давачки до 75 отсто од сегашното ниво и нивно нивелирање во согласност со големината на стопанските субјекти, преку дијалог со стопанските комори.

За домашните и за странските компании најави и директна поддршка од Владата во износ од 300 милиони евра.

-Да обезбедиме директна поддршка на домашните и странските инвестиции во износ од 300 милиони евра од домашните буџети и директна алокација на очекувани 300 милиони евра од европските фондови. Да го зголемиме обемот на финансиска поддршка за домашните компании преку Планот за економски раст за 25 отсто секоја година, во споредба со претходната. Да формираме посебен еквити фонд како поттик за влез на странски инвестициски фондови, истакна Бесими.

Тој додде дека ќе се посвети големо внимание на отчетно и транспарентно работење, а ќе се воведе и т.н. бела листа на даночни обврзници, односно компании кои редовно ги исплаќаат своите даночни обврски.

 

Извор: МИА