Министерството за економија вчера и официјално го објави огласот за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас.
Повикот за пријава на учество е првата од трите предвидени фази во кои ќе се одвива целиот процес.
Во јавниот повик се посочува дека оној кој ќе биде избран ќе може да управува со гасоводната дистрибутивна мрежа воследните 35 години.
Предметот на договорот за воспоставување на јавното приватно партнерство е изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата на цела држава и истиот опфаќа изградба на дистрибутивна мрежа на природен гас, инвестирање во приклучоци до крајните потрошувачи (јавни институции, резиденцијални и комерцијални корисници) вклучувајќи ја и опремата за мерење и регулација, дистрибуција на природен гас, одржување и развој на дистрибутивниот систем и инвестирање во адаптација и набавка на опрема за производство на топлинска енергија кај постоечките објекти.
Како најважни критериуми за избор на најповолна понуда се посочени висината на надоместокот за приклучок на дистрибутивната мрежа кој ќе го плаќаат крајните корисници (приклучна такса), висина на концесиски надоместок и времетраење на реализацијата на изградбата на дистрибутивниот систем во земјата.
Учесниците исто така треба да исполнат и низа услови со кои ќе докажат дека се економски способни , межу кои и во изминатите три години да имале над 150 милиони евра годишно, да опслужувал најмалку 100 илајди корисници, листа на извршени објекти и сл.
“Главна цел на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство е обезбедување на квалитетни, оптимални услови во работата на јавни установи од аспект на квалитетно загревање на јавните објекти со добивање на топлинска енергија од систем кој користи енергенс кој е поекономичен, еколошки чист и заштедува финансиски средства, односно ги намалува трошоците во однос на постојниот начин на загревање и систем кој е оддржлив на долг рок, како и за ладење, како и обезбедување на евтин енергенс на комерцијалниот сектор за да може да ја зголемат конкурентноста, односно пониски производни цени за производите и услугите кои се нудат на пазарот, како и подигање на нивото на условите за квалитетно одвивање на јавните дејности, подигање на еколошките стандарди, подигање на еколошката свест во Република Северна Македонија, обезбедување на средства за нови инвестиции од заштедата и други, како и намалување на СО2 во атмосферата и поголема заштита на животна средина”, се вели во јавниот повик.
Целиот јавен повик може да се погледне на следниот линк.