Глобалните економски изгледи не се толку мрачни како што беа проценети пред само три месеци, изјави портпаролот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Гери Рајс, повикувајќи се на подобрите показатели од очекуваното на Кина и другите развиени економии.
Сепак, според Рајс целокупната глобална перспектива останува предизвикувачка како резултат на пандемијата на корона вирус и нејзиното влијание врз многу економски сектори, пренесува Ројтерс.
Ситуацијата останува неизвесна во многу земји во развој и пазарите во развој, освен во Кина, рече тој, истакнувајќи дека ММФ е загрижен за зголемувањето на нивото на долг.
Фондот треба да објави нов извештај за светските економски перспективи на 13-ти октомври.
Во јуни, ММФ дополнително ја продлабочи прогнозата за пад на глобалниот БДП за 2020 година на 4,9%, во споредба со априлската проценка на пад од 3%.
Рајс не претстави нови податоци, но рече дека неодамнешните податоци од Кина и другите развиени економии се подобри од очекувањата.