Во најновиот извештај за македонската економија, ММФ оценува дека по долготрајната политичка криза, економијата влезе во период на солиден раст и стабилност и очекува растот да забрза во 2020 година.
“Економската активност е силна. Рeалниот раст на БДП се проценува дека се зголемил на 3,2% во 2019 година, поддржан од широка приватна потрошувачка и инвестициите. Растот на извозот остана висок и покрај забавувањето на клучните трговски партнери, додека увозот беше зголемен со солидната домашна побарувачка”, се вели во Извештајот за Република С. Македонија за 2019 година, којшто го објави Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Проценките на ММФ се дека БДП годинава ќе расте со стапка од 3,4%, инвестициите да се зголемат за 5,2%, а невработеноста да се намали на рекордни 16,8%.
“Пониските даноци и повисоките пензии и плати – вклучително и јавниот сектор и минималните плати – се очекува да обезбедат понатамошен, еднократен, стимул за потрошувачката. Растот на извозот и инвестициите ќе остане стабилен, но малку забавен, како одраз на слабиот раст на трговските партнери. Оваа умереност би можела да стане поизразена доколку се влошат глобалните трговски тензии или инвестициските планови се одложат поради неизвесност за време на изборниот период”, велат од ММФ.
Извозот на стоки и услуги во изминатата 2019 година достигнал учество од 63% од БДП, а годинава се очекува да достигне 64%, што е највисоко досега учество на извозот во вкупната економија.
Во однос на минималната плата, ММФ уште еднаш потенцира дека таа треба да биде тесно усогласена со продуктивноста.
“Нето минималната плата се зголеми за 44% кумулативно од 2017 година, додека растот на продуктивноста беше низок. Минималната плата се проценува дека достигнува 53% од просечната плата во 2020 година, што е висока според регионалните стандарди. Овие зголемувања можеби нема да бидат ефективни во намалувањето на целокупната сиромаштија и може да имаат негативни ефекти врз формалното вработување и конкурентноста”, се вели во Извештајот.
Тие потенцираат дека останувањето на патот на реформите е од суштинско значење за понатамошно зајакнување на еластичноста на економијата кон шокови и драстично да се подигнат нивоата на приход.
Тие препорачуваат овој период на солиден раст да се користи за обнова на фискалниот простор, со цел да се зајакне можноста на економијата да се справи со идните шокови.
Потребна е амбициозна консолидација за обнова на просторот за фискална политика и ре-ориентирање на јавната потрошувачка кон инвестиции.
“Консолидацијата ќе бара стабилно спроведување на веќе одобрените реформи за пензиите и персоналниот данок на доход, како и засилена администрација на приходите и рационализација на земјоделските субвенции. Овие мерки, исто така, ќе направат простор во буџетот за зголемување на основните капитални расходи за намалување на инвестицискиот јаз. Ова треба да биде поткрепено со мерки за зајакнување на рамката за управување со јавните инвестиции, вклучително и подобра приоритизација и решавање на тесните грла при извршувањето на планираните проекти. За да се заштитат од фискалните ризици, властите треба да почекаат за одобрување на нови Јавни приватни партнерства сè додека не се воспостави зајакната рамка”, велат од ММФ.
За да се забрза растот и да намали јазот помеѓу приходите во земјата и оние во ЕУ од клучно значење за ММФ е да се продолжи со реформите за подобрување на јавната администрација, владеењето на правото и контрола на корупцијата. Ова треба да биде надополнето со напорите да се изгради физички капитал со оглед на инфраструктурните јазови и да се зајакне човечкиот капитал преку решавање на недостатокот на вештини и неусогласеноста помеѓу понудата и побарувачката, вклучително и преку стручно образование и обука и поголема употреба на активни политики за пазарот на трудот за подобрување на вештините.
Банкарскиот сектор е здрав
Во однос на монетарната политика, ММФ констатира дека таа е соодветна, а дека банкарскиот систем е здрав.
ММФ бележи дека Народната банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви, притоа задржувајќи ја олабавената монетарна политика, преку понатамошно намалување на основната каматна стапка. Како клучни фактори коишто придонесуваат за олабавување на монетарната политика се издвоени ниската инфлација, солидниот раст на депозитите и поволните движења на девизниот пазар.
Банкарскиот систем, според оцените на ММФ, е здрав, добро капитализиран и ликвиден. Кредитниот раст е солиден, а нефункционалните пласмани и натаму се на релативно ниско ниво.
Во Извештајот е истакнато и дека преземањето чекори за натамошно зголемување на денаризацијата на депозитите, заедно со внимателно осмислените мерки за намалување на девизното кредитирање на домаќинствата, доколку е тоа потребно, ќе придонесе за натамошно зајакнување на отпорноста на нашиот финансиски систем.
ММФ нагласува дека дополнителното зајакнување на рамката за финансиска стабилност и натаму е приоритет. Притоа е изнесена позитивна оцена за продолжувањето на активностите за зајакнување на супервизорската и регулаторната рамка, преземени во согласност со Програмата за детална проценка на финансискиот сектор (ФСАП) којашто беше спроведена во 2018 година.
Како што заклучува ММФ, истовремено се подготвува и регулатива со којашто ќе се зајакне макропрудентниот мандат на Народната банка и ќе се овозможи подобро утврдување на системските ризици во банкарскиот систем.