ММФ одобри финансиска помош од 176,5 милиони евра за македонската економија во борбата со коронавирусот

ММФ одобри исплата на 176,5 милиони евра итна финансиска помош за Северна Македонија како помош во справувањето со пандемијата предизвикана од Ковид-19, преку Инструментот за брзо финансирање.
Преку овој инструмент се овопзмоува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства од ММФ, воуслови кога економија создрави фундаменти е погодена од неочекуван надворепен шок, каков што е во случајот пандемијата со Ковид 19.

,,Економските изгледи на Северна Македонија значително се влошија како резултат на пандемијата на Ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4% во 2020 година, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови, создаде потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс”, изјави по дискусијата на Извршниот одбор во однос на Република Северна Македонија, Тао Џанг, заменик извршен директор и вршител на должноста претседател на одборот.

Како што се истакнува, властите брзо одговорија со насочена и привремена фискална поддршка за да го ограничат социјалното и економското влијание од здравствената итна состојба преку заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и обезбедување социјална грижа за невработените и ранливите категории на домаќинства.
Во меѓувреме, Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја намали својата основна каматна стапка и спроведе регулаторни измени за да ги охрабри банките да ги реструктуираат долговите на висококвалитетните должници кои се погодени од пандемијата.

Владата и НБРСМ остануваат силно посветени на зачувување на монетарната, надворешната и финансиската стабилност и се подготвени да ги преземат сите дополнителни мерки што би биле потребни. Властите исто така изразија силна посветеност, откако ќе заврши кризата предизвикана од COVID-19, за обновување на фискалните бафери и спроведување на агендата за структурни реформи за да помогнат во зачувувањето на одржливоста на долгот и забрзување на конвергенцијата кон развиените економии на земјите од Европската Унија. Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да ѝ помогне на Северна Македонија во борбата со пандемијата и во процесот на закрепнување на економијата“, соопштуваат од Канцеларијата на Стефани Ебле, регионален резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан.

Во соопштението се додава дека Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри исплата на 140,3 милиони SDR, (околу 176,53 милиони евра, 191,83 милиони американски долари, 100 проценти од квотата) на Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за брзо финансирање (Rapid Financing Instrument (RFI)).
Оваа финансиска поддршка ќе помогне во финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација, обезбедување на итните потреби на платниот биланс што произлегуваат од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и забрзување на поддршката од меѓународната заедница.

RFI овозможува брза финансиска помош на земјите-членки кои се соочуваат со потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс, без потреба од целосна економска програма или оценувања. Финансиската помош преку RFI се обезбедува во форма на директни исплати.

Во контекст на политиките, ММФ истакнува дека Народната банка, во рамки на својот мандат реагираше брзо за соодветно да одговори на економските предизвици поврзани со ковид-19.

“Покрај намалувањето на референтната каматна стапка и целните промени во задолжителната резерва, ММФ ги издвојува и регулаторните измени со коишто се овозможи привремено олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити погодени од корона-кризата, притоа запазувајќи го прудентниот пристап во управувањето со ризиците. ММФ се осврнува и на преземените фискални мерки за заштита на ликвидноста на компаниите и за обезбедување социјална заштита за погодените домаќинства. Притоа одделно се нотирани мерките донесени од Владата со коишто се намалуваат непотребните расходи во овој период и се обезбедуваат натамошни финансии за здравствениот сектор. Од ММФ се разгледани и мерките со коишто се промовира сигурност на работните места и стабилност на пазарот на трудот”, велат од Народната банка на С.Македонија.

Во однос на стабилноста на банкарскиот систем, велат од Народната банка, ММФ позитивно го оценува зајакнувањето на ликвидноста и на капиталната позиција на системот во изминатиот период, што сега обезбедува гаранција за заштита од потенцијалните загуби заради корона-кризата. Притоа, укажано е и на потребата банките и понатаму да обезбедуваат финансиска поддршка на економијата, во претстојниот период, заради што е неопходно својата капитална позиција и ликвидноста да ги одржуваат на адекватно ниво.

Извор: МИА