Фискалните мерки за социјална заштита имаат „главна улога“ во спротивставувањето на ризиците што ги носи вештачката интелигенција, а особено зголемувањето на нееднаквостите, проценува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Без регулатива, генеративната вештачка интелигенција, популаризирана од ChatGPT и други слични алатки, може да предизвика губење на работни места меѓу квалификуваните професии, проценува ММФ.
За да се справат со ова, владите треба да размислат за воспоставување нови приходи за финансирање на мрежа за социјална заштита за оние кои ќе ги загубат своите работни места, препорачуваат од ММФ.
„Даночната политика има главна улога во поддршката на поправедна распределба на придобивките и можностите поврзани со генеративната вештачка интелигенција“, се забележува во извештајот на ММФ. „Но, ова бара значителни промени во даночните и системите за социјална заштита низ целиот свет“, додава таа.
ММФ особено повикува на зголемување на бенефициите за осигурување за невработеност и инвестиции во обука за да се подготват работниците „за работа во ерата на вештачката интелигенција“.
Фондот, сепак, е против специфичен данок на вештачката интелигенција, предложен од истражувачите, сметајќи дека тоа ќе влијае на растот на продуктивноста.
Спротивно на тоа, тој предлага да се напаѓаат даночните дупки кои поттикнуваат намалување на работните места.
ММФ, исто така, поддржува зголемување на даноците на приходите од капитал со цел да се „спротивстави на порастот на нееднаквоста во богатството“.