Глобалната економија ќе има скромен раст во следните две години во услови на заладување на економијата во САД, пад во Европа и посилна потрошувачка и извоз во Кина, со бројни ризици по патот, објави во вторникот Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
ММФ предупреди во ажурирањето на својата светска економска перспектива (WEO) дека моментумот во борбата против инфлацијата забавува, што дополнително може да го одложи намалувањето на каматните стапки и да го задржи силниот притисок на доларот врз економиите во развој.
ММФ ја задржа прогнозата за раст на глобалниот реален бруто-домашен производ за 2024 година непроменета од април на 3,2% и ја зголеми прогнозата за 2025 година за 0,1 процентен поен, на 3,3%.
Но, ревидираната перспектива рефлектира некои поместувања кај големите економии, при што прогнозата за раст на САД за 2024 година е намалена за 0,1 процентен поен, на 2,6%, како одраз на побавната потрошувачка од очекуваната во првиот квартал.
ММФ значително ја зголеми својата прогноза за раст на Кина на 5,0% – што одговара на целта на кинеската влада за годината – од 4,6% во април, поради закрепнувањето на приватната потрошувачка во првиот квартал и силниот извоз. ММФ, исто така, ја зголеми својата прогноза за раст на Кина за 2025 година на 4,5% од 4,1% во април.
Ризици за Кина
Но, Пекинг во понеделникот објави раст на БДП во вториот квартал од само 4,7%, значително под прогнозите во услови на послаба од очекуваната потрошувачка.
Новите податоци претставуваат надолен ризик за прогнозата на ММФ, бидејќи сигнализира слабост во довербата на потрошувачите и континуирани проблеми во секторот за недвижнини.
Што се однесува на еврозоната, ММФ благо ја зголеми прогнозата за економскиот раст за 0,1 процентен поен, на 0,9%, оставајќи ја прогнозата на блокот за 2025 година непроменета на 1,5%.
Еврозоната го достигна дното и забележа посилен раст на услугите во првата половина, додека зголемувањето на реалните плати ќе помогне да се зголеми потрошувачката следната година, а олеснувањето на монетарната политика ќе ги помогне инвестициите, соопшти ММФ.
Остануваат ризиците за инфлацијата
ММФ предупреди на краткорочните нагорни ризици за инфлацијата бидејќи цените на услугите остануваат покачени во услови на раст на платите во трудоинтензивните сектори. Обновената трговија и геополитичките тензии може да ги поттикнат ценовните притисоци со зголемување на цената на увезените стоки долж синџирот на снабдување.
„Ризикот од зголемена инфлација ги зголемува шансите за повисоки каматни стапки подолг период, што, пак, ги зголемува надворешните, фискалните и финансиските ризици“, се вели во извештајот на ММФ.
Ризици од протекционизам
ММФ, исто така, предупредува на потенцијални промени во економската политика како резултат на бројните политички изборниц процеси оваа година кои би можеле да имаат негативни прелевања на остатокот од светот.
„Овие потенцијални промени повлекуваат ризици од фискално расипништво што ќе ја влоши динамиката на долгот, негативно ќе влијае на долгорочните приноси и ќе го зголеми протекционизмот“, велат од Фондот потенцирајќи дека повисоките царини и зголемувањето на домашната индустриска политика може да создадат „штетни прекугранични прелевања, како и да предизвикаат одмазда, што ќе резултира со скапа трка до дното“.
Наместо тоа, ММФ препорача креаторите на политиката да истраат со враќањето на ценовната стабилност – олеснувајќи ја монетарната политика само постепено – да ги надополнуваат фискалните бафери исцедени за време на пандемијата и да спроведуваат политики што ја промовираат трговијата и ја зголемуваат продуктивноста.
Извор: Reuters
Фото: Freepik