Царинската Управа е во постојана соработка и координација со Министреството за транспорт и врски, особено за реализација на сите градежни работи (градба, реконструкција) кои се изведуваат на граничните премини, а за кои ЦУ има законски ингеренции. Од особена важност при унапредувањето на граничните премини се пристапните патишта кои се услов за непречен проток на стока и патници, а се во надлежност на Министерство за транспорт и врски. Реализацијата на предвидените активности за осовременување на граничните премини ќе придонесат кон поголема функционалност, забрзан проток на сообраќајот и зголемен квалитет на услугите за вработените и патниците, како корисници на граничните премини.

За таа цел направена е комплетна асфалтна санација на најоштетените делови на Граничниот премин Деве Баир и терминалот на преминот. Оваа реконструкција на патната инфраструктура на граничниот премин ќе резултира со бенефит за сите засегнати страни.

“Овој патен правец е еден од таквите на кои гледаме како значајна алка за извоз на македонските производи. Патниот правец Крива Паланка – Деве Баир е најфреквентен во товарниот сообраќај бидејќи транспортот на стока кон и од соседна Бугарија во најголем дел поминува на овој пат, а со реконструкцијата и проширувањето на патот Крива Паланка – Деве Баир ќе се овозможи и изградба на трета коловозна лента долж целата траса”, велат од Царинската Управа.

Со зголемување на меѓународното значење на ГП Деве Баир и зголемената фреквенција на промет на патници и стоки во рамките на новиот проект кој е финансиран од Светска Банка се планира да се изврши проширување на преминот со изградба на по две дополнителни сообраќајни ленти на влез и излез од Република Северна Македонија. Исто така планирана е реконструкција на управната зграда на патниот премин, и реконструкција на пристапниот пат до терминалот за тешки возила заради негово непречено користење и во зимски услови. Во рамките на проектот се планира и изградба на нова пречистителна станица и поставување на нова колска вага.