Aлкалоид, најуспешната македонска компанија, годинава прославува голем и значаен јубилеј, 85 години постоење. Сите овие децении компанијата успеа да остане на патот на развојот и да го надгради сето она што го граделе сите претходни генерации на алкалоидовци, да изгради современи производни капацитети и мрежа на подружници со кои континуирано го зголемува извозот и го зацврстува глобалното позиционирање, да поддржи многу иницијативи и активности за развој и поддршка на средината во која работи, да поттикне и поддржи многу успешни студенти, да го помогне развојот на спортот и културата и да изгради имиџ на компанија во која грижата за луѓето и здравјето се пред сè.
“Успехот во работењето на Алкалоид се должи, пред сè, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот Алкалоид и на поединечните брендови кои ги имаме, а кои ги граделе генерации алкалоидовци години наназад. Во контекст на успешниот развој, можеби клучните зборови се посветеност и напорна работа”, вели Живко Мукаетов, генерален диретор и претседател на Управниот одбор на фармацевтската компанија Алкалоид во интервјуто со магазинот Економија и бизнис.
Мукаетов е на чело на компанијата во последните 15 години, период во кој компанијата остварува континуиран раст, достигнувајќи продажби од 197 милиони евра во 2020 година, од кои над 65% се остваруваат од извоз. Тој е горд и среќен што новата генерација на менаџмент успеала да внесе нова енергија и да ја надгради компанијата имајќи ја секогаш на ум максимата на визионерот на модерниот Алкалоид, поранешниот генерален директор, Трајче Мукаетов: “Алкалоид е компанија за сите времиња и мора да мислиме за нашата иднина.“
“Алкалоид е шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа, со 1.860 вработени во базата во Скопје и 570 во подружниците надвор од Македонија; пласмани во 40 земји во светот и добро распространета маркетиншка мрежа од 20 канцеларии распоредени во 14 земји во светот, која покрива пазар од преку 200 милиони жители. Акциите на Алкалоид се едни од најтргуваните акции на Македонската берза за хартии од вредност, а друштвото има регистрирани над 5 100 акционери. Компанијата важи за еден од најголемите плаќачи на данок во државава, со платени даноци кон државава во 2020 година во износ од над 18,25 милиони евра и во моментов има активни 1.130 домашни доставувачи. Во 2007 година, Алкалоид ја формираше Фондацијата „Трајче Мукаетов“ за целите на поддршка на македонското здравство и фармација, а вложувањата во македонскиот спорт, културата и генерално во заедниците во кои функционираме се на врвот на листата на наши приоритети”, вели Мукаетов.
Посветеноста на континуираниот раст и развој и одржувањето чекор со најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминативе 20 години Алкалоид вложи преку 200 милиони евра во производствени капацитети, опрема, лаборатории, технологија, софтвер, кадар и слично.
“Инвестициите во истражување и развој се неопходен предуслов за градење на модерно и конкурентно производно портфолио кое придонесе за глобално позиционирање на брендот Алкалоид”, вели Мукаетов.
“Алкалоид” е една од малкуте компании кои успеаа и во време на пандемија и огромни предизвици да оствари успешни резултати, но што е поважно, да помогне и да ги ублажи ефектите од големата здравствена криза.
“Ако во 2019 година имавме раст на продажбите од 13 % и нето-добивка од 18 % споредено со 2018 година, во 2020 година истите параметри беа 9 % раст на продажби и 15 % кај нето-добивката. Уште на почетокот на здравствената криза, ние како индустрија ги намаливме цените на 158 наши производи кои се клучни за потрошувачите во услови на пандемија и покрај енормното покачување на цените на суровините. Осигуривме континуитет во производството и покрај недостигот на репроматеријали и застојот во транспортните коридори. Оваа криза нѐ потсети на огромното значење на домашното производство во стратешки важните индустрии за една држава како што се фармацевтската и прехранбената”, вели Мукаетов, потенцирајќи дека во услови кога сите светски економии се борат за ублажување на ефектите од здравствената криза, ретки се компаниите кои може да помогнат во вакви тешки времиња.
“Алкалоид беше прва македонска компанија која донираше износ од 200.000 евра на посебната наменска донаторска сметка на македонското Министерството за здравство формирана за целите на справување со здравствената криза. По разни основи, Алкалоид АД, Алкалоид КОНС и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа дополнителен износ од преку 1 милион евра, од кои 125.000 евра беа наменети за донации во земјите од регионот. На листата на приматели на донациите заведени се голем број на здравствени и образовни установи, институции, здруженија и бројни поединци”, вели Мукаетов.
Целото интервју со генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов можете да го прочитате на следниов ЛИНК.