Мукаетов: Во криза сфаќаме колку е важно да имаме домашно производство

Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор на најголемата домашна фармацевтска компанија Алкалоид уверува дека компанијата ги прави сите напори за да може да одговори на растечката побарувачката за дезинфициенси за домашниот пазар и уверува дека има доволно залихи на најпотрените лекови.

Во интервју за Телевизија 24, Мукаетов вели дека иако производството на дезинфициенси било споредно, компанија ќе пренамени дел од своите машини и производни погодни со цел да им излезе во пресрет на зголемените потреби за дезинфициенси во земјава.

„Дезинфициенси имаме и ќе имаме уште повеќе наскоро. Средствата за дезинфекција беа многу мал дел во рамки на портфолиото на ‚Алкалоид’. Ние најчесто досега ги работевме како дополнување на програмата на лекови. Сосема други компании беа тие кои го креираа пазарот на дезинфициенси во земјава. За жал, кон крајот на февруари и од средината на март, тие компании оддеднаш, веројатно по налог на државите од каде што доаѓаа и забраните за извоз на нивни производи, немаа можност да ги покријат потребите кои нагло се зголемија на пазарот во Македонија. Веднаш се создаде една голема дупка на пазарот, која резултира и со одредена нервоза кај нашите граѓани, која е апсолутно за разбирање имајќи ја во предвид целата ситуација во која се наоѓаме. Нас главен приоритет во овие три недели ни беше да ги задоволиме прво потребите на држаавните институции, прво на Министерството за здравство, кое имаше огромни потреби, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, како и на Центарот за управување со кризи. Исто така, ги обезбедивме итните потреби на градовите Скопје, Кавадарци, Дебар, Куманово. Нашата одлука беше прво да ги обезбедиме тие количини, а паралелно со тоа да обезбедиме колку може колични и за граѓаните, односно аптеките и продавниците“, вели Мукаетов.

Тој вели дека веќе од денеска дел од машините наменети за производство на козметика, односно шампони, ги пренаменила за производство на она што најмногу се бара во моментот – дезинтал. Компанијата викендов интензивно ќе се работи на производството на дезинфициенси, па се очекува веќе од понеделник да се стабилизира пазарот со дезинфициенсите во земјава низ сите продажни канали.

„Ние само во март произведовме дезинфициенси колку што произведовме во 2017, 2018 и 2019 година заедно. Ова беше прилично турбулентен и динамилен период во кој требаше да се најдат и поголеми количини на суровини и амбалажа и да се решаваат сите транспортни предизвици. Успеавме да донесеме суровини од осум различни земји. Сакам да се заблагодарам на тимовите на Алкалоид кои работеа на тоа, на Квасара Битола која ни обезбеди дел од алкохолот за да може да произведуваме дезинфициенси“, објаснува Мукаетов.

Тој уверува дека компанијата има сериозни залихи на лекови, како резултат на досегашното домаќинско работење и порачува граѓаните да мидат мирни и да не купуваат непотребни залихи на лекови.

„Лекови, дезинфициенси, раствори за дијализа и инфузиони раствори, тоа се четири вида производи кои ги произведуваме и за кои со сигурност можам да кажам дека ќе ги има, па нашите граѓани од аспект на тие производи не треба да бидат загрижени. Упатувам апел да не се прават непотребни залихи, и во делот на дезинфициенси и во делот на лекови, нив ќе ги има. Треба да покажеме и тука солидарност и емпатија, да се купува во нормални количини, за да остане и некој друг да купи“, нагласува Мукаетов.

Алкалоид ги намали цените на 158 производи и донираше 200 илјади евра 

„Алкалоид“ неодамна донесе одлука за намалување на цените на 158 нивни производи, за како што вели Мукаетов, компанијата да им помогне на своите граѓани кои ќе се соочат со намалени прходи.
“Ова важи за сите производи чии цени не се регулирани од државата, значи освен за лековите на рецепт. Значи, се што во моментов им е ургентно потребно на нашите граѓани – кафетин, аналгин, прокулин, витамините Ц, Д, бетадине, ацерола, АД перлите, плус сите дезифициенси, имаат намалени цени. На овој начин, Алкалоид како компанија која постои 84 години, покажува дека секогаш била коректен партнер на својот народ, на македонското здравство и фармација и е здрав столб на македонската економија.

Околу 250 вработени од компанијата во моментов не работат, а тоа се родители на мали деца, луѓе со хронични болести или бремени жени. Затоа, пак, дел од луѓето што работеле на терен се реобучени и сега помагаат во работењето. Од први април „Алкалоид“ ќе реализира 40 нови вработувања во производството..

Компанијата Алкалоид пред неколку дена објави дека како општествено одговорна компанија донира 200 илјади евра на посебната наменска донаторска сметка која е отворена од страна на Министерството за здравство.

Алкалоид како компанија на која две третини од производството се продава на странски пазари, се труди редовно да ги реализира и извозните активности.

“Оној дел од производите кои се важни за македонскиот пазар сакаме да ги имаме на големи залихи за задоволување на потребите на домашниот пазар, додека оние производи кои се во огромни колични и кај кои над 90% и досега се продавале во странство. Во секој случај нас во моментов прв интерес ни е да имаме доволно производи за македонскиот пазар”, вели Мукаетов.

Следува тежок економски период, потребно ни е единство и солидарност


“Кога ќе дојде една ваква криза, вели Мукаетов, сите сфаќаме колку е важно да се има домашно производство, особено за вакви стратешки важни дејности, како што е „Алкалоид“ во делот на фармацијата, „Квасара“ од Битола во делот на алкохол и квасци, „Млекара“ Битола, „Витаминка“ во производството на зејтин и други. Доколку постоеше ОХИС, тој веројатно ќе го намалеше притисокот кон „Алкалоид“, кој сега го носи целиот товар. Долгорочно е важно да имаме што повеќе вакви компании, бидејќи тие и во ваква криза можат да го обезбедат барем тој елементарен дел на основните потреби на македонските граѓани”, вели Мукаетов.

Мукаетов уверува дека на сите треба да ни биде јасно дека следува тежок економски период. Според него, неопходно е партиите да седнат и да изградат заеднички пристап кон целата криза, здрава стратегија и да покажат сигнал кон народот дека за некои работи мора да бидеме единствени.
“Потребни се итни мерки и по секоја цена мора да се најде форма да им се помогне на оние мали и средни компании чии бизнис е речиси невозможно да функционира во оваа криза, за нивните вработени да останат на работа. Тоа ќе чини од аспект на буџетот, но треба да им се даде тој ветер во грб на оваа компании. Што се однесува до ликвидноста, Владата мора што побргу да ги донесе мерките, за да може што побргу да побара средства од потенцијалните извори. Во моментов парите во светот се уште се евтини од аспект на каматни стапки, но факт е дека побарувачката за свежи пари нагло ќе расте и таа веќе расте од ден на ден. Сметам дека секој ден доцнење од аспект на аплицирање за финасирање кај разни меѓународни извори, дали се тоа корпоративни банки или други извори, може да доведе до ситуација да не може така лесно да се соберат тие средства од надвор. Затоа, треба што побргу да се аплицира, едноставно да се застане во тој ред за да се обезбедат средства“, укажува Мукаетов.

Во целиот свет следи турбулентен период, а има цели дејности кои во моментов не се во состојба да функционираат. Такви се угостителството, туризмот, но и автоиндустријта, од која ние сме многу зависни, бидејќи имаме доста производство на разни делови за таа индустрија.

Оваа економска криза сигурно ќе биде потешка од онаа во 2008 година. Никој не знае кога би дошло до економско закрепнување, бидејќи никој не знае ни колку сето ова ќе трае, па затоа е неблагодарно да се предвиди.

„Сите заедно да се мобилизираме и да се покаже емпатија и солидарност од сите економски субјекти. Но, треба да видиме и една здрава стратегија како са се преброди  најдобро овој период. Мислам дека во оваа држава има знаење, капацитет и моќ, ни треба многу поголемо единство и позитивен пристап, за кога сето ова ќе заврши да почнеме да ја движиме приказната кон подобро, дополнително поттикнати со членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. После дождот доаѓа сонце. Се надевам дека повторно ќе свети македонското сонце“, порачува првиот човек на „Алкалоид“.